На Институтот за судска медицина отворена лабораторија со најсовремена опрема за скрининг на психоактивни супстанци



Лабораторија со најсовремена опрема за скрининг на психоактивни супстанци беше отворена денеска на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија во Скопје. На отворањето присуствуваа претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски и министрите за образование и наука и за здравство, Панче Кралев и Никола Тодоров.

Министерот Кралев во изјава за медиумите рече дека вкупната вредност на лабораторијата е над осум милиони денари и оти со нејзиното отворање продолжува понатаму проектот за опремување лаборатории во Македонија.

- Вкупната вредност за сите лаборатории за потребите на медицинските науки е околу 11 милиони евра. Ваква лабораторија во регионот нема, а најблиску колку што сум информиран има во Белград. Од аспект на ефикасност, стручност и на прецизност на Институтот ќе придонесе да добиваме попрецизни и поефикасни резултати што ќе се одрази и на работата на Институтот, истакна Кралев.

Во медицинските науки, посочи Кралев, се предвидени 56 лаборатории, досега се инсталирани одреден број, а преостануваат уште 29. Тој додаде дека планираат во наредниот период да работат на инсталирање нови лаборатории.

Директорот на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, Алексеј Дума рече дека ова е почеток на опремување на лабораториите на Институтот и апаратурата има електронска поддршка анализите да ги врши на чипови. Станува збор за многу моќен апарат кој може да се користи во различни сфери во медицината.

- Кај нас ќе се користи во сферата на токсикологијата од сите аспекти - форензичната, клиничката и евентуално еколошката. Апаратурата која допрва треба да доаѓа е многу прецизна и скапа и ќе овозможи овој Институт повторно да си го врати приматот и во сферата на токсикологијата во регионот, рече Дума.

Одговарајќи на новинарско прашање Дума посочи дека интересот на Владата е позитивен за одржување и зачувување на овој Институт и изрази надеж дека ќе успеат да се вратат на првото место во регионот. Тој додаде дека тендерот е завршен, набавени се чипови и очекува до крајот на оваа и идната недела да бидат испорачани.

Министерот Тодоров истакна дека овој современ апарат во лабораторијата е дел од проектот на Владата за опремување лаборатории за високо образовните институции кој е во вредност од 60 милиони евра.

- Станува збор за исклучително битна апаратура која ќе помогне за поуспешно функционирање на Институтот за судска медицина кој е еден од најбитните чинители и во кривично-правната сфера во Македонија и од тој аспект мора да ја негуваме и унапредуваме неговата работа, рече Тодоров.

Одговарајќи на новинарско прашање истакна дека тој влегува во суштината на функционирањето на овој битен сектор и се обидува да ги согледува нелогичностите и слабостите, кои се работите кои можат да добијат на ефикасност итн.

- Пристапувам на овој сектор од една друга позиција и со друг начин на функционирање. Не сум доктор и од мене нема да може да очекувате да давам изјави кои се поврзани со какви било дијагнози или со нешто што е причина за лош или добар болнички третман. Она што во прв момент го поставувам како приоритет ќе биде квалитетот на услугите особено мислам на задоволството на пациентите. Нешто што мора да направиме да функционира одлично, потенцира Тодоров.

Тој нагласи дека втора работа треба да биде опремата која е огромен зафат и подобрување на целата здравствена инфраструктура и нејзино користење што треба да придонесе за подобро и поквалитетно здравство во Македонија, а трета приоритетна работа е рекострукцијата на сите здравствени установи.

- Тоа е голем проект кој е започнат и речиси е завршен во првата фаза, а има три фази. Сакам тој проект да се заврши целосно. Овие три компоненти на кои ќе се фокусирам во првите шест-седум месеци ќе овозможат да се почувствува подобрување на квалитетот на услугите и на здравството во Македонија. Има и многу други проекти, како што е оној за интегриран здравствен информатички систем, за здравствената картичка, протоколите и медицинската мапа на Македонија, додаде Тодоров