Стартува ваучерскиот систем за поддршка на спортот за 2020 година: Заедно со компаниите обезбедуваме 10 милиони евра дополнителни средства за спортот и спортистите

Во рамките на заложбата за подобрување на условите за поддршка на спортот, спортските федерации, клубови и спортисти преку мерката спортски ваучери, со кои Владата заедно со Агенцијата за млади и спорт, ги стимулира стопанските субјекти да го пронајдат сопствениот интерес за инвестирање во спортот, премиерот Спасовски и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, денеска го најавија стартот на ваучерскиот систем во спортот за 2020 година со кој ќе се обезбедат 10 милиони евра за оваа намена.

Премиерот ги повика стопанствениците и менаџерските тимови на приватните компании да ја препознаат вредноста на оваа мерка, и како и лани, и годинава да бидат дел од оние кои вложуваат во спортот.

„Завршницата на минатата година, како прва година во која се спроведе мерката, покажа дека ваучерскиот систем има одличен потенцијал и дава одлични резултати. Поучени од првичното искуство, оваа година ваучерскиот систем за поддршка на спортот го отпочнуваме сега и тој ќе трае до крајот на 2020 година. Тоа ни дава за право да бидеме уверени дека оваа година, проектираните средства од дополнителни 10 милиони евра за поддршка на спортот од ваучерскиот систем, ќе бидат искористени целосно“ , подвлече Спасовски.

Во овој систем на поддршка на спортот, дополнителни финансиски средства доаѓаат од стопанските субјекти, кои на ваков начин ја остваруваат својата улога како општествено одговорни компании. Согласно последните доделени средства, опфатени се речиси 1000 спортски субјекти и спортисти кои добиле ваучери и поддршка од државниот буџет, нешто што претходно беше мисловна именка.

„Со ваучерскиот систем приватните компании 50 отсто од данокот на добивка имаат можност да го инвестираат директно во спортот. Тоа значи подигнување на нивото за развој на квалитет и зголемување на финансиската моќ на спортските клубови. Преку овој принцип ќе се овозможи секој спортски субјект да стане атрактивен и посакуван партнер за успешните стопански субјекти. Со тоа, компаниите, покрај сопствената промоција и општествено одговорна работа, ќе добијат и конкретна финансиска мотивација за вложување во спортот. Нашата грижа и вложување не запира тука и сега, туку продолжуваме понатака со поголеми вложувања во спортот“– рече премиерот.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, истакна дека спортскиот ваучер, како дополнителен извор за финансирање на спортот значително го подигнува нивото на квалитет и ја зголемува финансиската моќ на спортските клубови.

„Преку овој систем клубовите и федерациите можат да обезбедат сигурен партнер во финансирањето на нивните програми. Годинава 43 Национални спортски федерации, 454 Спортски клубови и 320 индивидуални спортисти ќе добијат дополнителна финансиска поддршка, што е од огромно значење за нивниот професионален развој и напредок“, нагласи Каевски.

Тој појасни дека процедурата е едноставна, без комплицирани административни постапки, без дополнително оданочување и проблеми за компаниите коишто ќе помагаат. Имено, компаниите, дел од својата обврска за данокот на добивка наместо да ја платат на државата, ќе имаат можност да ја вложат во спортски клуб или спортист.

На прес-конференцијата се обрати и претседателката на ракометниот клуб „Металург“, Зорица Блажевска, која го истакна значењето на ваучерскиот систем за успешното враќање на ракометниот клуб „Металург“ на спортската сцена.

„Во 2019 година Владата ни излезе во пресрет и добивме ваучер кој ни помогна да се извлечеме од кризата и да продолжиме напред. Ги повикувам сите менаџерски тимови да го поддржат овој проект. На овој начин ги поддржувате и вашите деца и внуци. Едно дете повеќе во спортска сала еднакво на едно дете помалку на улица“, апелираше Блажевска.