Пациентката кај која е констатиран првиот случај на заразеност со вирусот „Ковид 19“, или корона вирусот, е во добра општа здравствена состојба, под постојан мониторинг на стручниот лекарски персонал на Инфективната клиника во Скопје, и со оглед на нејзината претходна здравствена историја, спаѓа во пациентите кои успешно се справиле со вирусот, соопшти министерот за здравство д-р Венко Филипче на прес-конференцијата вечерва во Медија центарот на Владата на Северна Македонија.
Министерот Филипче информираше дека сите останати 8 патници и шоферот на возилото се идентификувани и со нив е стапено во контакт. Четворица од патниците се од Скопје, а другите четворица од Струмица. Со нив вечерва ќе постапи епидемиолошки тим од Центрите за јавно здравје од двата града за да се утврди нивната состојба и ќе бидат советувани, а ќе им се пружи и прва терапија доколку за тоа има потреба.
Лицата што биле во возилото, што биле во контакт со жената кај која е констатиран вирусот, како и сите останати со кои подоцна стапиле во контакт ќе бидат во домашна изолација и под безбедносен надзор.
Доколку и кај некои од овие лица наодите и мониторингот покажат потврдени симптоми на корона вирусот, во текот на утрешниот ден ќе бидат префрлени на некои од инфективните одделенија во болниците во Штип, Велес или Гостивар, како институции кои претходно беа утврдени како места за изолација за пациентите кај кои со сигурност е утврден вирусот.
Министерот Филипче и на оваа прес-конференција апелираше дека нема потреба од загриженост, и дека системот за следење и прифаќање на сите сомнителни случаи е во добра функција. Согласно сите медицински протоколи, сите надлежни институции се во целосна подготвеност за соодветна реакција според пропишаните протоколи од Светската здравствена организација.
Тој упати уште еден апел до сите компании и институции во кои има вработени кои во изминатиот период патувале во Италија, да бидат ослободени од работните обврски и да бидат во домашна изолација до 14 дена.