Пуштена во употреба училишна спортска сала во Трубарево
Основното училиште „Крум Тошев“ во скопско Трубарево по 52 години постоење доби нова училишна спортска сала, која е дел од владиниот проект за изградба на 180 спортски сали во земјава. Ќе ја користат 327-те ученици на училиштето, како и жителите од ова населено место. Во употреба ја пуштија премиерот Никола Груевски, министерот за образование и наука Панче Кралев, градоначалникот на општина Гази Баба Тони Трајковски.
Салата е со површина од 650 метри квадраатни, опремена е со спортска опрема за повеќе спортови, а нејзината изградба чини 24 милиони денари. Како што посочи градоначалникот Трајковски, со неа првпат се создаваат соодветни услови за одвивање настава по физичко образование, кое досега се изведувало на асфалтирано игралиште во училишниот двор.
Министерот за образование Панче Кралев посочи дека ова е 18-та сала во рамки на владиниот проект што се пушта во употреба годинава и дека ќе се продолжи со изградба и на останатите предвидени 145 училишни спортски сали. - Со ова покажуваме дека продолжуваме да инвестираме во обраазованието за подобрување на условите, рече Кралев.
Премиерот Никола Груевски обраќајќи се пред присутните рече дека со оваа сала се овозможува она што долги години го немале голем број ученици кои излегле од училишните клупи на тоа основно училиште.
Премиерот најави и изградба на уште една училишна спортска сала во ОУ „Вера Јоциќ“ и изградба на комплетно нов училишен објект за ова училиште. Паралелно со тоа, во општина Гази Баба ќе биде изградена и уште една спортска сала во населбата Ченто, како и две повеќенаменски спортски игралишта и два тениски терена.
- За реализација на овие капитални проекти насекаде низ земјава најголема корист имаат учениците, кои добиваат модерен простор за настава по физичко, но и младите, рекреативците и сите кои сакаат да спортуваат, рече премиерот додавајќи дека на ваков начин младите се отргнуваат од пороците на денешницата.