Во борбата против корупцијата никој не смее да биде заштитен, во секој еден случај мора да има одговорност, ќе бидам силен коректор кој ќе создаде пракса која ќе ги охрабри граѓаните, а функционерите ќе ги сфатат своите морални и етички одговорности“, изјави заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, во вечерашното интервју во емисијата „Само интервју“, на телевизијата Канал 5. Вицепремиерот Николовски, посочи дека примените на законите мора да продолжат, да се коригираат и отстранат сите системски слабости.
„Започнуваме битка против криминалот и корупцијата, доаѓа време на неселективна правда. Треба да сме свесни дека има незадоволство кај граѓаните, кај младите луѓе. Лично не сум задоволен, од борбата против криминалот и корупцијата односно од ефикасноста и ефективноста на институциите и на органите. Доаѓа време во кое неселективно и бескомпромисно треба еднаш засекогаш да ја почнеме најсериозната битка. Никој не смее да биде заштитен од страна на политичките партии, никој не смее да биде над законот. Неприфатливо е да нема завршница на предмети, тоа предизвикува демотивација кај граѓаните. Институциите мора да бидат капацитетни и да одговорат на сите предизвици, еднакво кон сите. Мојот план е работите да се менуваат во тој правец“, изјави Николовски.
При тоа, Николовски посочи дека неговата улога од оваа нова функција е да ги координира институциите, кои имаат ингеренции во борбата против корупцијата и криминалот, а целта е да се уверат граѓаните дека Владата е одлучна да го спроведе целиот овој процес, и да создаде функционален систем ослободен од корупција.
„Ќе инсистирам на ред, ефикасност, неселективност, отчетност и постапување. Имаме институции со едни надлежности во борба против корупцијата и имаме институции формирани со посебни закони, тела и органи формирани со други акти во рамки на самиот систем. Затоа е потребна една координативна улога, во делот на сите институции на извршната власт. Обврските и надлежностите ќе ми бидат пренесени од страна на претседателот на Владата, а јас ќе барам одговорност и отчетност. Борбата против корупцијата треба да се одвива преку повеќе канали и многу е битно да има резултат и ефект, без никакво затскривање и одложување“, изјави Николовски.
Во интервјуто се отвори и темата за работата на министрите и директорите, како и за намалување на дискреционите права на функционерите. Николовски потенцираше ќе бара од сите министри и директори висока отчетност за нивната работа.
„Директори на јавни претпријатија земаат поголема плата од претседателот и премиерот. Јавноста не ги знае, а имаат највисоки плати, највисоки привилегии. Не може да имаат такви примања тие директори и да не носат одговорност. Во нашето живеење се вкоренети навики каде се мора да е со протекции и врски. Баш против тие протекции ќе се борам. Дневно имам илјадници пораки од граѓани за ситни потреби. Тие самите се научени дека така полесно доаѓаат до решение. Јас одговарам на сите и ги процесирам тие работи колку што можам, но мораме да го промениме системот за да граѓаните почнат да веруваат дека преку системски и институционален начин тоа можат да го остварат. Сум бил министер и знам како се одвиваат внатре работите и се префрла одговорноста - не е до мене, до друг е. Мораме навиките да ги промениме секаде и затоа е оваа координативна функција воведена“, изјави Николовски.
Вицепремиерот во емисијата „Само интервју“, на телевизијата Канал 5, порача дека оваа Влада не е сепаративна, туку единствена, а сите министри од Владата, без оглед од која партија доаѓаат, се на сервис на граѓаните.