„Како легитимни претставници на извршната власт, со доделен мандат од граѓаните на изборите, нам ни е дадена одговорноста да носиме храбри и тешки одлуки, а истовремено и да го чуваме достоинството и идентитетот. Ние со договорот од Преспа само го потврдивме и афирмиравме македонскиот народ и македонскиот јазик. Тоа го направивме и со Договорот со Бугарија, а го правиме и сега со решавањето на овој спор“, рече премиерот Заев во интервју за ТВ Телма.
„Го потврдивме тоа и како членка на НАТО. Ќе бидеме со овој исти идентитет и членка на ЕУ. И сето тоа го направивме низ легитимниот систем на институциите, низ Парламентот, со потврда на Претседателот на државата. Со ратификувани договори. Затоа ја преземаме одговорноста да го решиме на истиот начин и ова прашање. Институционалниот систем е поставен соодветно за сè што се договара, сè што има правни импликации, сè што влијае на нашата национална посебност, стратегија, интереси на државата институциите мора да го верифицираат институциите и затоа овие прашања не е добро да им се препуштат на партиските амбиции и за политички профит“, нагласи премиерот Заев во интервјуто за ТВ Телма.