Дигитализација на јавните услуги за полесна достапност до граѓаните и компаниите

Државната адниминистрација ќе се оспособува на граѓаните да им овозможи достапни и транспарентни услуги и информации преку иновативни решенија и програми од приватниот сектор. За можностите и придобивките од широката достапност на јавните информации и податоци дискутираат претставници на државни институции и ИКТ-компании денеска на семинар на тема „Промоција на политика за отворена влада и стратегија за отворени податоци“.

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски смета дека дигитализацијата на владините услуги ќе овозможи придобивки и на граѓаните и на приватниот сектор.

- Дел од услугите за граѓаните ги изработува Владата, но правиме напори за да се забрза процесот на дигитализација на услугите, да дозволиме да се вклучи и приватниот сектор и сите да имаат придобивки, изјави министерот Ивановски.

Тој посочи дека на граѓаните ќе им се овозможи полесен пристап до податоците преку нудење електронски услуги. Заложбите што се преземаат во таа насока воедно се и обврска од Глобалниот договор за слободно владеење чиј потписник е Република Македонија.

Генералниот директор на „Мајкрософт Македонија“ Илијанчо Гаговски истакна дека граѓаните заслужуваат поквалитетен и поубав живот во што треба да помогне отвореностаљ на информациите и податоците и нивната достапност.

- Во јавноста нема никаков сомнеж за важноста и потребата од имплементација на стратегијата за отворени податоци. Преку „технологијата на работење во облакот“ „Мајкрософт“ овозможува бројни начини и модели за дистрибуција и пласирање огромна количина информации кои треба да бидат достапни на голем број луѓе истовремено, посочи Гаговски.

Семинарот што треба да ја оспособи администрацијата за широка достапност на јавните информации и податоци е во организација на „Мајкрософт Македонија“ во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација. Учесниците на семинарот се запознаа со Мајкрософт технологијата на работење во облак која на сите развивачи кои бараат место и начин за достапност на јавните податоци им обезбедува бесплатен сет од алатки и стандарди според кои треба да ги изработат апликациите или другите видови решенија за пласирање и дистрибуција на податоците. Владите и нејзините тела можат да пристапат кон апликациите и таму да ги складираат информациите значајни за јавното добро, а граѓаните и другите институции и правни субјекти оттаму можат да ги преземат и искористат.