Заев на одбележувањето на Денот на наставата на турски јазик: Поддршка за секоја заедница во нашата земја да го негува и чува мајчиниот јазик како европска вредност што ја применуваме

Денеска претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев се обрати на свечен настан по повод Денот на наставата на турски јазик, каде беа присутни и претседателот на Големото Национално Собрание на Република Турција, проф. д-р Мустафа Шентоп, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, претседателот на Уставен Суд на Република Северна Македонија, Салих Мурат и амбасадорот на Турција во нашата земја господин Хасан Секизќок.

Во продолжение ви го пренесуваме во целост обраќањето на премиерот Заев:

„Ми претставува посебна чест и со чувство на длабока почит, дозволете ми да ви го честитам во мое име и во име на Владата, денешниот празник – Ден на наставата на турски јазик.

За припадниците на турската заедница денешниот ден е особено важен, бидејќи на 21 декември во далечната 1944 година, за прв пат, во Република Македонија започнала наставата на турски јазик. Традицијата продолжила да се негува низ годините, а по осамостојувањето на нашата земја станува и уставна одредба, чија имплементација е гарантирана од институциите на системот.

Денес, кога Република Северна Македонија гради едно општество за сите нејзини граѓани, припадниците на турската заедница се значаен и конструктивен дел од тоа наше заедничко општество. Нашите истакнати сограѓани од турската заедница даваат значаен придонес во развојот на нашето мултикултурно и мултиетничко општество.

Организацијата и учеството во свеченостите по повод националниот празник на припадниците на турската заедница во Република Северна Македонија, се уште еден доказ за почитта кон другиот и поддршката за секоја заедница во нашата земја да го негува и чува мајчиниот јазик.

Тоа е европската вредност што ја негуваме ние во Северна Македонија и која е од огромно значење затоа што ги обединува луѓето.

Тоа е голема вредност на која сме горди и која секогаш ќе ја чуваме.

Граѓаните од турската заедница во нашата земја истовремено се и најсилната алка на поврзување на традиционалното исклучително добро пријателство и за одличната соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Турција.

Турција беше прва земја која подаде пријателска рака на самиот почеток на осамостојувањето на нашата земја. Турција тогаш изрази подготвеност за соработка и помош во сите сфери на општественото живеење и граѓаните на Северна Македонија никогаш нема да го заборават тоа.

Нашите две земји континуирано вложуваат во развојот на билатералните односи, и пријателството помеѓу нашите две земји е несомнен пример за тоа како треба да се соработува во регионот и пошироко.

Најдобра илустрација е присуството на голем број на странски инвестиции во земјата, од Турција, која е најголем странски инвеститор во Северна Македонија од земјите надвор од ЕУ. Според официјалните податоци, од Република Турција во Северна Македонија се регистрирани преку 1.000 правни субјекти чии матични компании се во Турција, како и 48 подружници. Тие вработуваат преку 4.000 лица, со вкупна актива од 392 милиони евра.

Оваа година интерес за вложување во секундарната гасификација на нашата земја изразија две големи турски компании и влегоа во завршната фаза од конкурентниот дијалог за воспоставување на јавно приватно партнерство во овој проект вреден 300 милиони евра.

Високо го цениме чинот за доделување над 1.400 стипендии од Турција за македонски студенти. Истовремено, огромно е задоволството што околу 2.000 студенти од Турција студираат во македонските универзитети.
 
Исто така, соработката во сферата на културата е интензивна. Отворањето на културни центри во Скопје и во Истанбул ја потврдува важноста на промоција на културата и културното наследство на двете земји.

Од оваа година сме сојузници во НАТО и заеднички учествуваме во мисиите за обезбедување на глобалниот мир и безбедност, а Република Турција е меѓу најголемите донатори на опрема за Армијата на нашата земја.

Од Република Турција постојано добиваме безрезервна и целосна поддршка и за исполнување на нашите аспирации за членство во ЕУ.

Освен денешниот празник, Северна Македонија и Турција секоја година одбележуваат значајни датуми поврзани со една од најзначајните личности во историјата на Турција – Мустафа Ќемал Ататурк.

Историските околности посакаа нашите две земји да бидат поврзани и преку ликот и делото на творецот на модерна Турција кој точно пред 121 година се стекна со диплома на воената гимназија во Битола.

На крајот, дозволете ми уште еднаш, на сите наши сограѓани од заедницата на Турците во Република Северна Македонија, да ви го честитам националниот празник, Ден на наставата на турски јазик.

Благодарам.“