Груевски: Македонија е подготвена за преговори со ЕУ, фер и чесно е тоа да и се овозможи


Обновената препорака од ЕК е признание за сработеното. Уверен сум дека во овој момент Македонија го има капацитетот и кадровски, и организациски, и вредносно, па и културолошки да ги почне проговороите за членство во ЕУ и ќе биде фер и чесно тоа да и се овозможи. Од тоа корист ќе има и регионот, без исклучок, оцени премиерот Никола Груевски во своето обраќање на Конференцијата насловена Европските предизвици на земјите од Западен Балкан што денеска се одржува во Скопје.  


Груевски рече дека се согласува со констатацијата на Комисијата оти почетокот на преговорите ќе влијае позитивно врз реформите, во развојот на економијата, врз меѓуетничките односи, врз подобрување на можностите за нови вредносни достигнувања, за Македонија и за целиот регион.


- Нашата заложба е јасна. Ќе продолжиме со реформите и со испорака на конкретни резултати за натамошно унапредување на степенот на примена на ЕУ стандардите во македонското општество, а заради подобрување на животниот стандард на нашите граѓани. Посебно внимание ќе се обрне на реформите во судството, јавната администрација, бробата против корупцијата, информатичкото општество и медиумите, одржувањето на добри меѓуетнички односи и зголемување на економскио раст и вработеноста. Тоа се работи кои зависат од нaс и ги исполнуваме во континуитет, редовно, педантно, бескомпромисно, рече македонскиот премиер.


Но, додаде, Македонија се соочува со уште еден голем предизвик, своевидна неправда која и ја нанесува една соседна земја-членка ЕУ, која ја почитуваме и кон која немаме ништо против.


- Таа од нас бара да го смениме името и идентитетот за да ги почнеме преговорите за членство во ЕУ на слободни нации. И покрај сета апсурдност во спорот за името, Македонија е и активна и конструктивна во разговорите со Грција за надминување на разликата околу името, кои се водат под покровителство на ОН. Она што е потребно, е и грчката страна активно и контруктивно да придонесе во разговорите со цел без натамошно одлагање да се најде заеднички прифатливо решене кое нема да наштети на националната, јазичната и културната самоидентификација ниту на македонскиот народ, ниту пак на грчкиот народ, рече Груевски.


Исполнувањето на Копенхашките ктитериуми, според него, треба да остане единствен критериум за напредок кон членство во ЕУ.


- Билатералните прашања не треба да го држат во заложништво пристапниот процес на земјитеод Балканот, затоа што тој е круцијален фактор за иднината на секоја од земјите во регионот. Западен Балкан неспорно припаѓа на Европа, и неспорно заслужува да биде дел од ЕУ, рече премиерот.


Во контекст на билатералниот спор за името со Грција, во своето обраќање министерот за надворешни работи Никола Попоски истакна дека Македонија повеќе од кој било друг сакаме ова прашање што поскоро да се затвори, и верува дека тоа е можно со обострана конструктивност и флексибилност, со почитување на фундаменталните слободи и вредности на европската интеграција.


- Нашиот пристап во разговорите под покровителство на ОН продолжува да биде активен и конструктивен и со интензивирана динамика со цел што е можно поскоро изнаоѓање на заеднички прифатлив разумен компромис, рече Попоски.


Земјите од регионот вклучувајќи ја и Македонија до следниот извештај за напредокот треба да се фокусираат на реформите во судството и јавната администрација, слободата на изразување, забрзување регионалната соработка и помирувањето и одржливо економско опоравување. Оваа порака на конференцијата ја упати Стефано Санино, генерален директор на Директоратот за проширување на ЕУ, кој додаде дека изминатата година е добра за процесот на проширување кон Западен Балкан.


Санино рече дека повторената препорака за Македонија покажува дека Брисел ги признава напорите на македонската Влада, а придобивките се признаваат и поддржуваа. Изрази надеж дека Македонија наскоро ќе добие датум за почеток на преговорите.


Иако патот кон ЕУ, може да биде долг и тежок, тоа е пат кој што има крај и ќе се дојде до дестинацијата, смета известителот за Македонија во ЕП Ричард Ховит.


- Импулсот мора да се одржува и не смее да се загуби. Неговата загуба би претставувала огромна закана за процесот во целост. Тука лежи опасноста, но ние во ЕП сме решени да го избегнеме тоа, рече Ховит. Според него, заеднички предизвик за земјите од регионот и оние од ЕУ е економската криза, бидејќи најдобар и нјубедлив мотив за пристапување кон ЕУ останува економскиот развој, рече Ховит. Тој најави конференција за состојбите во економијата, што исто така ќе се одржи во Скопје.


На Конференцијаат присуствуваат претставнции на Косово, Албанија, Црна Гора, Турција, Хрватска и БиХ. Српскиот вицепремиер за евроинтеграции Божидар Ѓелиќ во последен момент го откажал присуството.


Конференцијата е во организација на Секретаријатот за европски прашања и се одржува на помалку од една надела по објавувањето на пакетот за проширување на Европската унија и во пресрет на декемврискиот состанок на Советот на ЕУ.