Премиерот Никола Груевски се сретна се амбасадорот на САД во Македонија, Пол Волерс

С О О П Ш Т Е Н И Е

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (среда, 14.09.2011 година), оствари средба со амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Република Македонија, г-дин Пол Волерс.

Соговорниците ги афирмираа одличните односи кои владеат помеѓу двете земји, базирани на стратешкото партнерство и верувањето во исти вредности.
Премиерот Груевски ги истакна реформите кои ги спроведува Владата, нивната динамика и определбите за нивно интензивирање. Акцентирани беа активностите за реформа на јавната администрација, судството и развој на економијата.

На средбата беа презентирани и стратешките определби на Владата, за членство на Република Македонија во Европската унија и НАТО, развојот на економијата и подобрувањето на стандардот на граѓаните, борбата против криминалот и корупцијата, одржувањето на меѓуетничкиот соживот, како и за активностите за модернизацијата и подобрување на состојбите во останатите области на општествениот живот.

Двајцата соговорници разменија мислење и за можностите, перспективите и предизвиците со кои е соочена Република Македонија на полето на европските и евроатланските интеграции, со посебен фокус на аспектите и специфичностите за решавање на проблемот со името кој што е наметнат од страна на Република Грција.

Премиерот Груевски изрази надеж за продолжување на коректната, партнерска и пријателска соработка помеѓу амбасадата на Соединетите Американски Држави и Владата на Република Македонија.