Денеска претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев преку видео обраќање се обрати на сите граѓани и граѓанки во име на ширењето на свеста и на едукацијата за донирање органи и ткива.
Во продолжение на ова соопштениe ви го пренесуваме интегралното обраќање на премиерот Заев:
„Почитувани граѓанки и граѓани,
Донирањето органи е највисок чин на хуманост.
Во оваа прилика, сакам да изразам огромна поддршка и солидарност кон оние кои чекаат пресадување органи, како и огромна благодарност кон сите дарители и нивните семејства, кои на многу благороден начин го спасуваат животот на другиот.
Понекогаш, пресадувањето органи и ткива е единствен метод за лекување на болните и спас за животот на некои наши сограѓани. Најголем проблем претставува недостигот од органи и ткива, кои се соодветни за
пресадување и донори. Во таа насока секој од нас може да придонесе. На пример, секој од нас може да се посвети на ширењето на свеста и на едукацијата за донирање органи и ткива. Со едукација и споделување на пораката „Дарувај живот“, може секој ден да правиме по еден чекор за да помогнеме да спасиме и излечиме повеќе животи и да ја почитуваме и славиме дарежливоста и сочувствувањето на донорите.
Секако, нашите мисли постојано треба да бидат со оние кои во моментов чекаат на органи за трансплантација и за спас на нивниот живот, но и да се сеќаваме на оние кои починале чекајќи затоа што орган не бил дониран на време.
Пресадувањето органи е едно од најголемите достигнувања на модерната медицина и нашите здравствени работници имаат сериозно искуство во оваа дејност. Минатото лето, во време кога целото наше внимание, сиот наш здравствен систем е ставен во функција на справување со најголемата глобална здравствена криза заради пандемијата со КОВИД-19, нашите врвни лекари и асистентскиот медицински персонал се обединија и ја направија првата трансплантација на срце од починат донор. Ги здружија капацитетите, знаењата, искуството и стручност за да извршат зафат што претставува круна во кардиологијата и медицината воопшто.
Сметам дека тоа е силно охрабрување и за дарителите на органи.
Не постои ништо похумано од тоа некому да му го продолжите животот, со донирање орган, а не постои поголемо охрабрување и надминување на стравовите и дилемите околу донирањето доколку сите ние повеќе зборуваме за тоа.
Токму затоа за ова прашање имам разговарано со најтесниот круг од моето семејство и имам оставено аманет дека сум подготвен лично да придонесам нечиј живот да биде спасен.
И на крајот, сакам уште да ги повикам сите граѓани да прифатат дека органодарителството е највисок акт на човечност и хуманост, и ја подига свеста за уште многу успешни трансплантации за излекување и за спасени животи“.