Премиерот Заев и економските ресори во Пробиштип: „Булмак 2016“ е успешна економска приказна со раст на производството, платите и бројот на вработени

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за економија Крешник Бектеши, заедно со градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов во Пробиштип, кој како регион историски е традиционално рударски ја посетија компанија од оваа дејност „Булмак 20216“.

Премиерот Заев ја поздрави работата и заложбите на менаџментот и на сопствениците во компанијата „Булмак 2016“ кои, како што кажа имаа верба и јасна бизнис стратегија - од рудникот „Злетово“ во Пробиштип и од фирма во стечај, за кус временски период да развијат вистинска економска приказна.

„Рудникот „Злетово“ кој е од суштинско значење за градот Пробиштип и околината, е место каде што се вработени 454 инженери и рудари, нешто што му даде сила и елан на овој град да оди во прогрес.

Од она кое успеав да го видам, како хронологија, можам само со пофални зборови да оценам дека компанијата „Булмак 2016“ навистина работи и функционира во континуитет. Дополнително, дури и во време на криза и пандемија со Ковид-19, тие се вброени во најуспешните 30 македонски компании, кои во моментов во двата рудника – „Злетово“ и „Тораница“ вработуваат околу 800 луѓе. „Булмак 2016“ е меѓу ретките компании кои во услови на Ковид пандемија го зголеми бројот на вработени, го зголеми производството но она што е уште поважно е дека не само што го задржа нивото на плати туку и ги зголеми платите на вработените во однос на претходната 2019. Поточно во 2018 бројот на вработени бил 749, во 2019 бил 782, а во 2020  - 796 вработени. Согласно информациите од менаџментот нето платата во компанијата во 2020 година изнесува 709 евра, споредено со пред две години кога била 573 евра. Токму затоа, денес сум тука заедно со економските ресори на Владата со проф. д-р Николај В’лканов и менаџментот на компанијата „Булмак 2016“, со цел да дадеме поддршка и да ги охрабриме во нивните деловни цели за унапредување на рударството која со основни суровини за производство ги снабдува индустријата, градежништвото како и други стопански гранки“ изјави Заев и додаде дека очекува заложбите за деловен развој да продолжат, а трендот на раст и развој да биде присутен и во иднина бидејќи само такви чекори ќе придонесат за одржлив развој на градот и општината Пробиштип.

Премиерот Заев напомена дека политиката треба да прави услови за развој на економската соработка, особено со нашите први соседи со кои имаме потенцијал истата да ја зголемиме и интензивираме.

„Тоа е и нашата Владина цел, градиме мостови на пријателство кои водат кон просперитет. „Булмак 2016“ е пример за заедничка инвестициска соработка кој треба да се следи. Соседна Бугарија е меѓу десетте наши најголеми трговски партнери, како што се и соседна Грција и Србија. Република Бугарија е наш шести најголем трговски партнер и имаме вкупна трговска размена во 2020 година во износ од  581 милиони евра. Истата има потенцијал да ја зголемиме доколку работиме на унапредување на економските интереси на двете земји“, изјави Заев.

Претседателот на Бордот на директори на компанија Минстрој Николај В’лканов од Република Бугарија истакна дека со вложување на преку 20 милиони евра за модернизација и унапредување на условите во двата  рудници за олово и цинк, се овозможи производство на преку 2500 тони концентрат месечно.

„Исклучително сум горд што сум тука со премиерот Заев, пред точно пет години во март 2016 започнавме да го воспоставуваме рударството во „Злетово“ и „Тораница“. Исклучително му се заблагодарувам на премиерот Заев, работиме многу добро и со министрите за економија и за екологија, како и со градоначалниците на Пробиштип и Крива Паланка.

За пет години постигнавме многу, се овозможи производство на преку 2500 тони концентрат месечно, како што кажа и премиерот 800 вработени со високи плати во услови на пандемија. Моја желба е Република Северна Македонија да стане рамноправен член на Европската Унија, за што Бугарија ќе помогне многу и јас лично“, истакна В’лканов.