Премиерот Груевски се сретна со претставници на Делегацијата Се-кинескиот Народен конгрес


Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска оствари средба со претставници на Делегацијата на Се-кинескиот Народен Конгрес, предводена од потпретседателот на Постојаниот комитет на Се-кинескиот Народен Конгрес, г-дин Санг Гуовеи.


На средбата беше изразено задоволството од постигнатото високо ниво на севкупните односи меѓу Република Македонија и НР Кина што ги карактеризира дух на пријателство, меѓусебно разбирање и успешна соработка во повеќе области од заемен интерес.



Претседателот Груевски истакна дека воспоставената правна рамка за економско-трговска соработка меѓу двете земји е на високо ниво, а тоа се гледа преку склучувањето на низа билатерални акти, како што се договорот за трговска и стопанска соработка, договорот за одбегнување на двојно оданочување и заштита од фискална евазија по однос на данокот на доход и данокот на капитал, како и договорот за поттикнување и взаемна заштита на инвестициите, кои се стапени во сила.



Воедно, претседателот на Владата ја информираше кинеската делегација дека Владата на Република Македонија континуирано презема активности за подобрување на бизнис климата во земјата и привлекување на директни странски инвестиции, при што НР Кина се гледа како една од целните земји од кои се очекуваат инвеститори во некои од следните целни сектори: образование и наука, земјоделство и преработка на храна, особено во областа на тутунската индустрија, како и во енергетиката и инфраструктурата.



Во тој контекст беше напомнато дека соработката со НР Кина може да се интензивира преку поголемо вклучување на кинески компании во реализација на инфраструктурни и енергетски проекти во Република Македонија, чија што реализација се планира за претстојниот период.



Претседателот Груевски ја искористи можноста и на својот соговорник, г-дин Санг Гуовеи, му ја пренесе благодарностa за принципиелната политика на НР Кина во однос на Република Македонија, особено во однос на позицијата за уставното име на Република Македонија.



Двајцата соговорници заклучија дека е од взаемен интерес негувањето и натамошното унапредување на одличните пријателски односи помеѓу Република Македонија и НР Кина, при што особен акцент треба да се стави на продлабочување и интензивирање на билатералните економски и трговски односи помеѓу двете земји.