Седница на Економскиот совет
Ве информираме дека вчера попладне (понеделник, 17.10.2011 година) Економскиот совет при Владата на Република Македонија одржа редовна седница, на која се разгледуваа повеќе точки од областа на економските политики и проекти.
Економскиот совет ја разгледуваше информацијата за реализација на кредитната линија ЕИБ – 2, во износ од 50 милиони евра која е наменета за кредитирање на деловните субјекти, преку соработка со банкарскиот сектор. Советот беше информиран дека склучувањето на рамковните договори за учество во кредитната линија помеѓу Македонската банка за поддршка на развојот и потенцијалните банки учеснички ќе стартува кон крајот на месец октомври, и по завршувањето на овој процес ќе следи непосредна алокација на средствата кон деловниот сектор, согласно процедурите.
Економскиот совет ја разгледуваше и информацијата за реализацијата на Програмата за изградба и реконструкција на регионални и локални патишта, при што беше информиран дека во текот на 2012 година ќе бидат реализирани делниците Анѓелци-Вељуса, Радовиш-Конче-Лубница, Струга-Дебар и Кавадарци-Мушов Гроб. Исто така, беше предвидено во текот на 2012 година да бидат реализирани 112 позиции од Програмата за изградба и реконструкција на локални патишта.
На седницата беше разгледан и Извештајот за глобална конкурентност, изготвен од страна на Светскиот економски форум, кој дава споредбена анализа на аспектите кои се однесуваат на економската конкурентност и растеж. Од страна на Советот беа утврдени мерки и активности за подобрување на конкурентната позиција на Република Македонија на глобално ниво, при што беше утврден план за унапредување на работата на Националниот совет за претприемништво и конкурентност, кој ќе има за цел да подготви заедничка платформа за соработка помеѓу Владата и бизнис заедницата и план за нејзина реализација.