На денешната седница на Владата на Република Северна Македонија, со свое обраќање се приклучи генералниот директорот на Отворено владино партнерство (ОВП) од Канцеларијата во Њујорк, Санџај Прадхан. Во своите воведни обраќања претседателот на Владата Зоран Заев и директорoт на ОВП Прадхан, се осврнаа на придобивките кои произлегуваат од концептот на ОВП, ко-креирањето на петтиот Национален акциски план 2021-23, како и важноста од вклучување на сите засегнати страни во креирање на политиките на Владата кои се во интерес на сите граѓани.
По завршувањето на официјалниот дел, беше отворена дискусија каде останатите членови на Владата имаа можност да претстават дел од активностите кои произлегуваат од концептот на ОВП.
Во своето обраќање, министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири зборуваше за соработката помеѓу МИОА и граѓанскиот сектор. Министерот Шаќири истакна дека во срцето на овој процес е партнерството, кое е неопходно во процесот на ко-креирање но, и во самата имплементација, следење и известување, за што е пуштен е во употреба порталот за Отворено владино партнерство.
Исто така, посочи дека оваа година е особено значајна имајќи во предвид дека во јуни, како резултат од еден динамичен и инклузивен процесот на подготовка со активна вклученост на стотина претставници од граѓанскиот и јавниот сектор, Советот за ОВП, Мрежата на граѓански организации за ОВП, ќе произлезе петтиот Национален акциски план за Отворено владино партнерство за периодот 2021-2023 година, кој повторно е насочен кон прашањата за транспарентноста, отчетноста, проактивноста и инклузивноста, спречувањето на корупција и промовирање на добро владеење, јавните услуги и пристапот до правда.
Во дискусијата се вклучи и министерот за правда Бојан Маричиќ, кој напомена дека со промената на законската рамка, ефективниот пристап до правдата е знaчително подобрен со тоа што механизмот за бесплатна правна помош стана подостапен за различни категории на граѓани, особено за ранливите групи.
„Токму затоа Северна Македонија беше издвоена како пример во оваа област поради заштитата на правата на Ромите. Дозволете ми да ве информирам дека со оглед на потребата од поголема отвореност на судските институции и враќање на довербата на граѓаните во судството, Северна Македонија започнува ново поглавје од Отвореното владино партнерство. Со започнувањето на оваа иницијатива, Северна Македонија е првата држава од Западен Балкан која активно работи на заокружување на процесот за отвореност на трите столба на власт“, рече министерот Маричиќ.
Министерката Радмила Шекеринска рече дека иако на агендата на Министерството на одбрана приоритет беше влезот во НАТО и политичка и оперативна подготовка за пристапување кон Алијансата, второто прашање на кое се посвети внимание беа транспарентноста и интегритетот.
„Среќна сум што постигнавме фантастични резултати на тој план. Министерството за одбрана стана лидер меѓу сите институции на централно и локално ниво според активна транспарентност. Првпат за пет години колку што се мери тој индекс, едно министерство се најде на врвот на табелата. За три години направивме скок од 40 места. Покрај тоа, успеавме да се искачиме на второ место и на листата на Транспаренси интернешенл меѓу земјите од Централна и Источна Европа, според индексот на интегритет на владите во секторот одбрана. Успеавме да бидеме подобри од четири земји членки на ЕУ и шест членки на НАТО”, рече Шекеринска.
Министерката посочи дека во последните две години позитивно е одговорено на сите барања за пристап до информации од јавен карактер што исто така е многу важно за одржување на транспарентноста како клучна алатка во борбата против корупцијата.
„Како Министерство за труд и социјална политика, високо на агендата ни е грижата за ранливите категории на граѓани, нивните потреби, поддршката и помошта во соочувањето со предизвиците, со цел олеснување на условите и можностите на овие лица. Покрај работата на двете заложби од четвртиот акциски план, унапредување на пристапот до правда за маргинализираните групи граѓани и мапирање на бездомници и социјално загрозени семејства и поединци и во услови на пандемија, минатата година започнавме и со Проектот за подобрување на социјалните услуги, што претставува значаен чекор напред во приближување на социјалните услуги во местото на живеење на оние на кои помошта им е неопходна. Тоа го правиме преку потпишување на трипартитен договор, меѓу министерството, општината и давателот на услугата, граѓанските организации. Тоа значи целосна отвореност за соработка со граѓанскиот сектор со цел испорака на потребите на граѓаните, со акцент на ранливите категории“, истакна министерката Шахпаска.
Заменик-претседателот на Владата за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, се осврна на новиот Национален регистар на вистински сопственици, подготвен во соработка со Централниот регистар.
„Целта е зголемување на транспарентноста во сопственичката структура на правните лица во земјата и исполнување на меѓународните и ЕУ стандарди за борба со перење пари и финансирање тероризам. Преку овој регистар ќе може да се изврши увид кој е вистинскиот сопственик, односно лицето коешто има директна или индиректна сопственост, преку доволен процент на удели, или врши крајна и ефективна контрола над правното лице или странски правен аранжман. Заклучно со 12-ти април годинава, впишани се 34.441 правен субјект во регистарот. Проценката е дека до завршување на рокот ќе се впишат околу 80.000 правни субјекти“, информираше Николовски.
Министерот за финансии Фатмир Бесими во своето обраќање истакна дека фискалната транспарентност е највисоко ниво на фискална контрола.
„Преку проактивност и објавување на информациите за работењето со државните пари на транспарентен и разбирлив начин, на граѓаните им се дава моќта да корегираат и да направат промена преку притисокот на јавното мислење. Министерството за финансии и Владата во изминатите четири години во континуитет работат на подигањето на фискалната транспарентност. Како резултат на тоа има значително зголемување на транспаретноста, што е повеќе пати нотирано од страна на меѓународните финансиски институции и Европската Унија“, истакна министерот за финансии Бесими.
Тој потсети и на дел од алатките за транспарентност како што се: Отворени финансии, Фискален бројач, Јавен долг, Граѓански буџет и Календар на даночна регулатива.
Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи ја претстави единствената точка за контакт за информации за државна помош.
„Единствениот регистар за државна помош ќе претставува единствена точка за контакт за сите информации за државна помош, што ќе придонесе за хармонизирање во планирањето и буџетирањето на државната помош. Преку единствениот регистар за државна помош кој интегрира податоци од 11 институции, граѓаните и стопанството на Република Северна Македонија ќе добијат транспарентен и отчетен систем за планирање, буџетирање како и следење на ефектите и импактот од државната помош. Креирањето на Единствениот регистар за државна помош е нужен чекор на нашиот пат на пристапување кон Европската Унија, и проактивното започнување со работа на единствениот регистар само не води напред кон зголемување на довербата на граѓаните во институциите како и креирање на предвидлива бизнис клима која ќе ја зголеми довербата на инвеститорите дека нивните инвестиции припаѓаат во нашата земја“, рече Битиќи.
Министерот за здравство, Венко Филипче се осврна на неопходноста од редовно информирање и транспарентност за време на пандемијата предизвикана од вирусот КОВИД-19.
„Се одлучивме за отворен и транспарентен пристап во менаџирање на КОВИД-19 кризата преку прес-конференции на дневна основа. Одделението за односи со јавноста одговара на 40-тина прашања дневно, па како резултат на тоа бележиме скок од 43 места, а Министерството за здравство е институција чија активна транспарентност е рангирана во категоријата „многу добра“ со високи 81,3 процентни поени“, рече тој, и додаде дека борбата со лажните вести е уште еден од предизвиците на Министерството за здравство.
Директорот на ОВП Прадхан, ги поздрави заложбите на сите институции вклучени во процесот на Отворено владино партнерство и Владата на Северна Македонија ја посочи како пример којшто ќе го презентира и пред останатите држави кои се дел од ОВП.
„Ова е една од најинспиративните работилници на кои сум присуствувал. Особено затоа што имам можност да разговарам со сите министри на седница на Влада. Со Ваша дозвола би го споделил овој пример како мотивација за останатите влади“, заклучи Прадхан.