Груевски: Македонија е добра земја за водење бизнис, потврда е присуството на странските инвеститори
Македонија е добра земја за водење бизнис, тоа најдобро го потврдува Светската банка која преку листата на Дуинг Бизнис неколку години по ред ја става Македонија на врвот на листата на реформатори и поволни бизнис дестинации, а значаен напредок забележуваме и на листата на Форбс. Во континуитет работиме на подобрување на бизнис климата и условите за работа, еднакво за домашните и странските компании, а целта е економски развој на приватниот сектор и отворање нови работни места за да се постигне двострана корист, и за менаџментот на фирмата и за стандардот на граѓаните на Македонија.
Ова го порача претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски во обраќањето на Инвестицискиот форум „Обединето Кралство - Македонија“, кој се одржува во Лондон и ги покани британските компании да ја посетат и лично да се уверат во поволната бизнис клима во Македонија за таа да се најде и на нивната мапа како дестинација за водење бизнис.
Тој изрази надеж дека одличните политички односи со Лондон на севкупно ниво, особено изразени преку сојузништвото во рамките на НАТО-алијансата за обезбедување на светскиот мир и демократија, ќе бидат проследени и со значајно унапредување на економската соработка, со што Британија ќе помогне не само во развојот на Македонија, туку и на регионот на Југоисточна Европа.
- Република Македонија направи значаен напредок на економски план во изминативе неколку години, кога во годината пред глобалната економска и финансиска криза беше постигнат и највисок економски раст, како и најголем прилив на странски директни инвестиции. Економски раст, иако значајно намален заради објективни причини, беше регистриран и за време на глобалната економска криза, рече премиерот.
Последниот извештај на Европската комисија, додаде тој, е уште една потврда за добриот начин на кој Република Македонија се справува со предизвиците кои ги носи моменталната економска ситуација во светот, бидејќи макроекономските показатели на Македонија и понатаму, споредено со регионот се подобри и тоа не само во поглед на економскиот раст, туку и во однос на нивото на задолженост каде што земјата има најниско ниво.
- Република Македонија во делот на макроекономските индикатори има стабилна макроекономска политика при што значително е зајакната финансиската регулатива. Притоа, е извршена либерализација на девизното работење, подобрена е ефикасноста на банкарската супервизија, има долгогодишна макроекономска стабилност со ниска инфлација која во просек изнесува 2 отсто во последните 10 години, избалансирани јавни финансии со низок буџетски дефицит, стабилен девизен курс и низок јавен долг (26% од БДП), подвлече премиерот Груевски.
Тој ги презентира и низата реформи спроведени од Владата во изминатите години во делот на пазарот на труд, како и активните мерки за зголемување на вработеноста.
- Во делот на даночната политика воведовме ниски и рамни даноци од 10 проценти, ја ослободивме од оданочување задржаната добивка која не се распределува во дивиденда, етапно ги намалуваме социјалните придонеси за 1/3, со Регулаторната гилотина ја поедноставивме бизнис регулативата, воведовме едношалтерски систем во царината и даночната администрација, донесени се мерки во делот со управување со градежно земјиште со што е поедноставена постапката за градење, намалени се комуналиите, воведени се субвенции за тур-операторите, како и други реформи кои позитивно би влијаеле во бизнис климата во Република Македонија, подвлече Груевски.
Според него, порастот на БДП и странските директни инвестиции се резултат и потврда на сéопфатните реформи за подобрување на вкупната бизнис клима.
- Врз основа на подобрената бизнис клима и активностите за промоција на Македонија како бизнис дестинација, успеавме да привлечеме познати странски компании во Технолошко- индустриската развојна зона(ТИРЗ) во Скопје како што се Џонсон Контролс и Џонсон Мети кои отворија свои капацитети уште пред светската економска криза. Значајно е да истакнам дека по најновото економско закрепнување, во последните 4 месеци во Македонија има своевиден мини инвестициски циклус, при кој што Џонсон Контролс отвора уште една втора фабрика, а влегоа и инвестициите на Текнохозе од Италија, Кемет Електроникс од САД, Протек Груп од Русија и Мадерсон Груп од Италија. Воедно, се отворија уште три технолошко- индустриски развојни зони од која едната во Штип, Тетово и уште една во Скопје, информира Груевски.
Се осврна на низата поволности што ги нудат зоните како ослободување од данок на добивка и персонален данок на доход за првите 10 години од работењето, даночнто ослободување на нераспределената добивка, ослободувањето од ДДВ, царина и акцизи за промет на добра кои се користат за производство наменето за извоз, како и ослободување од комунални и административни такси.
- Во зависност од висината на инвестицијата, Владата на Република Македонија може да учествува во трошоците за изградба на градежен објект до 500.000 евра, како и да додели соодветна помош за обука и усовршување на вработените. Земјиштето се дава под закуп под поволни услови за период до 99 години, а обезбедени се инфраструктурни погодности како што е бесплатно приклучување до гас, електрична енергија и комунално поврзување, рече шефот на Владата.
Тој посочи оти овој пакет на наведени субвенционирања се добра основа да се размисли да се поведе иницијатива пред телата на управување и пред менаџментот на британските компании за создавање можност за инвестирање во капацитети во Македонија.
- Сакам да потенцирам дека како врвен приоритет на Република Македонија, на политички и на економски план секако останува визијата за заедничка сегашност и иднина во големото европско и евроатланско семејство, а тоа ќе го постигнеме со членството во НАТО и ЕУ, што би претставувало голема придобивка за севкупниот просперитет на целиот регион и пошироко. Тоа значи дека споделувањето на исти вредности и верувања се уште една гаранција дека Вашиот бизнис во Македонија ќе биде сигурен и траен, рече Груевски
Тој посочи дека токму една од водечките светски компании од индустријата на автомобилски компоненти, британската компанија Џонсон Мети, ја препозна и ја избра Македонија за своја бизнис дестинација.
- Фабриката на Џонсон Мети успешно работи во ТИРЗ Скопје 1. Тие тука ги препознаа поволностите што Македонија ги пружа на странските инвеститори: поволна местоположба, квалитетна работна сила, ниски даноци, добра инфраструктура и про – бизнис државни институции кои се спремни да им ја дадат потребната поддршка на странските компании во процесот на инвестирање. Можете да ги консултирате за нашите можности и потенцијали, за да добиете потврда дека она што го говориме се остварува и во стварност, без никаква задршка, подвлече премиерот.
Обединетото Кралство, рече тој, е лидер на светските економски и политички процеси, а историски гледано Кралството има голем придонос во помагањето на развојот на регионот на Југоисточна Европа, во секој поглед демократски, општествен, културен, економски. - Се надевам дека и нашата генерација ќе ги продолжи традициите на двострана соработка, на меѓусебна помош и на задоволување на заедничките потреби и интереси, рече премиерот Никола Груевски.