Премиерот Никола Груевски се сретна со потпретседателот на Европската банка за обнова и развој Јан Фишер
С О О П Ш Т Е Н И Е
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска имаше официјално обраќање пред учесниците на Инвестицискиот форум “Обединето Кралство – Македонија”, кој што се одржа во Лондон.
Во рамки на форумот претседателот на Владата, г-дин Груевски, оствари средба со потпретседателот на Европската банка за обнова и развој, г-дин Јан Фишер, на која се разговараше за тековните проекти на Владата кои што се поддржани од ЕБОР, како и за можностите за идна соработка.
На форумот се одржаа три панел дискусии на темите: “Македонија, најнов бизнис партнер на Европа”, “Инвестирање во инфраструктура, енергија и природни ресурси” и “Инвестирање во информатичка и комуникациска технологија”, на кои свои излагања имаа заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, г-дин Владимир Пешевски, министерот за економија, г-дин Ваљон Сарачини, министрите за привлекување странски инвестиции, г-дин Веле Самак и г-дин Бил Павлески, директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот, г-дин Висар Фида и директорот на Дирекцијата за технолошко - индустриски развојни зони, г-дин Виктор Мизо.
На инвестицискиот форум присуствуваа претставници на околу 150 британски компании од финансискиот и банкарскиот сектор, потоа од областа на природните ресурси, инфраструктура, логистика и информатички технологии. Македонската делегација оствари поодделни средби со претставници на повеќе компании со кои се разговараше за можностите и потенцијалите што ги нуди Република Македонија како инвестициска дестинација.