Премиерот Заев на прес-конференција во рамки на Самитот за Западен Балкан во Виена: Важно е политичките гласови за европските вредности да бидат погласни, нашите резултати и капацитети за почеток на преговорите со ЕУ се неспорни

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска одржа прес-конференција на завршницата од Самитот на ЕУ за Западен Балкан во Виена, каде присуствуваше на покана на австрискиот канцелар Себастијан Курц.

На конференцијата за новинарите, премиерот Заев информираше дека во македонско-бугарскиот пријателски дијалог, е направен голем европски исчекор и изрази силно уверување дека низ овој процес, наскоро, Западен Балкан на Европа ќе ѝ донесе нова позитивна вест.

„Ја враќаме довербата меѓу двете држави и меѓу нашите многу блиски, би рекол братски народи. И барам поддршка од сите вас на тој пат. Европската перспектива мора да го победи евроскептицизмот“, подвлече премиерот Заев.

Премиерот Заев истакнувајќи ја политичката поддршка за политиката на проширување и јасна перспектива на ЕУ за Западен Балкан, која тој лично ја добил при средбите со европските лидери, како и сите највисоки претставници на Европската Унија, подвлече:

„Во таа насока, сега е многу важно и во пресрет на конференцијата „Иднината на Европа“ политичките гласови за вредностите на обединета Европа, како во земјите-членки на ЕУ, така и во земјите за проширување да бидат многу погласни“.

Премиерот Заев повтори дека Република Северна Македонија е јасен пример за тоа дека европската перспектива е силна и јасна порака која има големо значење за одржување и засилување на темпото на спроведување на реформите во државата, кои носат конкретни придобивки на граѓаните и го подобруваат квалитетот на животот.

„Во март минатата година, Советот на ЕУ едногласно даде зелено светло за почеток на преговори со Северна Македонија и со Албанија, вклучително и Бугарија потврди дека нашите резултати и капацитети, и нашата подготвеност за почеток на преговори се неспорни.

Затоа бараме, ЕУ да ја исполни својата фундаментална обврска и да ги препознава и чува како непроценливо богатство историските и идентитетски различности на нациите на Европскиот континент“, порача премиерот Заев на прес-конференцијата во рамки на Самитот за Западен Балкан, кој на иницијатива на австрискиот канцелар Курц се одржува во Виена, Австрија, притоа повторувајќи дека Владата на Република Северна Македонија останува на истиот стратешки колосек, испорача полноправно членство во НАТО, а ќе ја придвижи и земјата и кон Европската Унија.


Премиерот Заев по Самитот за Западен Балкан на покана на канцеларот на Австрија  Курц: Владата на Република Северна Македонија останува на истиот стратешки колосек, испорачавме полноправно членство во НАТО, ќе ја придвижиме земјата и кон ЕУ!

Претседателот на Владата Зоран Заев денеска на покана на австрискиот канцелар Себастијан Курц, заедно со заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, на покана на австрискиот канцелар Себастијан Курц учествуваше и се обрати на Самитот за Западен Балкан, заедно со повеќе шефови на влади и министри од регионот и специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан Мирослав Лајчак.

Во продолжение, интегрално, изјавата на премиерот Заев дадена на прес-конференција:

„Дозволете ми и на оваа прес-конференција да искажам благодарност за поканата на канцеларот Курц и за организацијата на Самитот за Западен Балкан, секако и до нашиот пријател на Западен Балкан, Мирослав Лајчак.

Ставена во перспектива на конференцијата на ЕУ - „Иднината на Европа“, оваа дебата се случува во клучен период од повеќе причини кои постојат и во Европската Унија и во регионот на Западен Балкан.

Утрово слетав во Виена од Софија, Република Бугарија. Вчера, таму во Софија, со премиерот и со претседателот на Бугарија, колегите Јанев и Радев направивме голем европски исчекор.

Ја враќаме довербата меѓу двете држави и меѓу нашите многу блиски, би рекол братски народи.

Македонско-бугарскиот пријателски дијалог е повторно во сила. Верувам дека низ овој процес Западен Балкан на Европа ќе наскоро ќе ѝ донесе нова позитивна вест. И барам поддршка од сите вас на тој пат.

Европската перспектива мора да го победи евроскептицизмот.

Сега имаме една солидна политичка поддршка за политиката на проширување и јасна перспектива на ЕУ за Западен Балкан, која мене лично ми ја потврдија повеќемина европски лидери, како и сите највисоки претставници на Европската Унија, за време на мојата неодамнешна посета на Брисел.

Во таа насока, сега е многу важно и во пресрет на конференцијата „Иднината на Европа“ политичките гласови за вредностите на обединета Европа, како во земјите-членки на ЕУ, така и во земјите за проширување да бидат многу погласни.

Јасната перспектива на земјите од Западен Балкан заостварување на нивните цели за членство во ЕУ значат и одржување и засилување на темпото на спроведување на реформите на нивните општества.

Постојат јасни докази дека во земјите кои се сериозно ориентирани кон ЕУ, реформите носат конкретни придобивки на граѓаните и го подобруваат квалитетот на животот.

Северна Македонија е добар пример за тоа.

Западен Балкан е преморен од историски недоразбирања и затоа ние, како современи политичари треба да гледаме напред и да бидеме насочени кон решенија.

Кога станува збор за Северна Македонија, ние со Грција покажавме дека е возможно и од процес на недоразбирање да излеземе како посилни пријатели.

Верувам дека тоа е возможно и со Бугарија и затоа бараме и создаваме истомисленици за оваа наша цел и за ова наше уверување.

Во март минатата година, Советот на ЕУ едногласно даде зелено светло за почеток на преговори со Северна Македонија, вклучително и Бугарија и потврди дека нашите резултати и капацитети, и нашата подготвеност за почеток на преговори се неспорни.

Затоа бараме, ЕУ да ја исполни својата фундаментална обврска и да ги препознава и чува како непроценливо богатство историските и идентитетски различности на нациите на Европскиот континент.

Владата на Република Северна Македонија останува на истиот стратешки колосек. Испорачавме полноправно членство во НАТО, ќе ја придвижиме земјата и кон ЕУ!

Во насока на целта на оваа наша средба велам: Секој разговор за иднината на Европа без автентичното место на Западен Балкан кој природно е составен дел од таа иднина е бесмислен.

Затоа го пренесувам тоа што го кажав на самитот. Да ја направиме заеднички 2021 година како година за паметење, година во која ќе биде направен силен исчекор напред со почеток на преговорите за Северна Македонија и Албанија, јасен европски прогрес за Србија и Црна Гора, како и чиста европска перспектива за Косово и БиХ. Така ќе се испрати силна порака до граѓаните на регионот дека Западен Балкан е нераскинлив дел од Европската Унија.“