Објавен конкурс за обука на пилоти за потребите на АРМ

Министерството за одбрана денеска објави конкурс за прием на кандидати за обука за пилоти што ќе се спроведува во новоотворениот Центар за обука на пилоти на АРМ кој функционира според моделот на јавно-приватно партнерство со израелски Елбит.

- Во центарот ќе се користат дел од нашите капацитети. Тој е во тесна координација со Воздухопловната бригада на АРМ и Воената академија на Република Македонија. По осум години целосно ќе премине во државна сопственост и во функција  на Министерството за одбрана и АРМ, изјави министерот за одбрана Фатмир Бесими по денешната посета на Воздухопловната бригада на АРМ и Центарот за обука на пилоти.

Тој посочи дека периодот од осум години е неопходен за да се создадат капацитети за симулирање на обуката, неопходните летала и кадри за нејзино спроведување.

- Центарот за обука во иднина нема да служи само за припадниците на АРМ, туку ќе се обучуваат пилоти и за другите институции во земјава кои имаат воздухоплови. На долг рок овие ресурси ќе може да се користат и за земјите од регионот, како и за земјите членки на НАТО кои ќе покажат интерес, рече Бесими.

Тој посочи дека Центарот за обука на пилоти на АРМ е комплементарен со веќе постојните капацитети за обука на пилоти во земјите од регионот и со она што НАТО го бара од земјите идни членки.

- Република Македонија со реформите кои се вршат во одбраната секојдневно станува се поблиска до НАТО и имплементира нови и повисоки стандарди што ја прави нашата армија еднаква со другите армии од земјите членки на НАТО, нагласи министерот за одбрана.

Бесими потсети на успешно спроведената акција од пилотите на АРМ во високите планински места за време на снежното невреме што ја зафати земјава на почетокот на годинава кога вршеа дотур на храна и лекови и превезуваа болни лица од завеаните места.

Директорот на Центарот за обука на пилоти на АРМ Јаари Швага од Елбит истакна дека отворањето на Центарот е историски момент за АРМ, а особено за Воздухопловната бригада.

- Управувањето со Центарот ќе го вршат Израелци од Елбит, а се останато, како пилотите, инструкторите и техничарите ќе бидат локални. За елементарна обука ќе користиме пет адаптирани авиони „Злин 242“, најголем дел од обуките  ќе се спроведува на четирите американски хеликоптери „Бел 206“, а ќе има и два симулатори за хеликоптерите Ми17 и Ми24 кои Елбит во моментов ги инсталира и ќе бидат достапни за 18 месеци, рече Швага. 

Началникот на Генералштабот на АРМ генерал мајор Горанчо Котески посочи дека Центарот за обука на пилоти не е значаен само за АРМ, туку и за државата во целост.

- Основно е што обуката на нашите пилоти ќе ја вршиме во домашни услови со што ќе ги намалиме трошоците и ќе ја зголемиме безбедноста на пилотите, рече Котески и додаде дека досега обуката на македонските пилоти се вршеше во соседните земји или во земјите партнери и чинеше околу милион евра за пилот.   

Со новата трансформација на АРМ, додаде, и создавањето на Воздухопловната бригада се подобрува командувањето и контролата.

- Во состав Воздухопловната бригада влегоа поранешниот ВИНГ и поранешните баталјони за противвоздушна одбрана и за воздушно наведување и јавување. Со тоа се зголемуваат капацитетите во однос на борбената поддршка и транспортот на единиците, како и одржувањето на воздухопловите што ги поседува АРМ и обученоста на пилотите, појасни генерал Котески.