Тодоров: Kлиничката болница во Тетово една од подобрите во државата од организациски и од финансиски аспект

Kлиничката болница во Тетово е една од подобрите болници во државата од организациски и од финансиски аспект, а видливи се и постигнатите резултати во поглед на менаџментот, организацијата за работа во смени, водењето детална евиденција за скапите лекови итн., од кои ефектот е веќе видлив – за година ипол има намалување на долговите на болницата за 62 процента.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека денеска се заокружува еднонеделниот мониторинг на Kлиничката болница во Тетово, која е трета здравствена установа во државата, во која направиле детален скрининг на состојбата. Беа предложени и изготвени соодветни решенија, посочи тој, согласно специфичните проблеми на оваа клиничка болница, која обезбедува медицински услуги за над 300.000 жители од градот, околните села и другите блиски општини.

Договоривме, укажа тој, во следниот период да се распише јавна набавка од страна на Министерството за набавка на нов мамограф за потребите на Тетовската клиничка болница, со што ќе се прошират услугите на болницата и ќе се опфатат поголем дел од пациентите од западниот регион.

- Како и во другите две здравствени установи, прво беше направена комплетна анализа на состојбите во сите медицински одделенија и согласно менаџмент-методите, преземени од јапонскиот концепт Каизен, беа предложени конкретни мерки и изготвени процедури за унапредување на работата на оваа здравствена установа, рече Тодоров.

Тој појасни дека во овој вид работни посети се содржани два аспекта - првиот е организациски за кој се задолжени  стручни лица од Министерството од областа на правото, финансиите, ревизијата, информатиката, а во вториот сегмент се вклучени еминентни доктори и професори од универзитетските клиники, кои со своето знаење и искуство придонесуваат за подобрување на медицинскиот аспект на функционирање на оваа ЈЗУ.

Посочи дека од стручниот тим посебно ја истакнале добрата работа на Гинеколошко акушерското одделение во Тетовската болница, кое е трето по ред во државата и каде годишно има над 2.500 породувања. 
 
- Во рамки на петдневната работна посета на Клиничката болница уште од првиот ден посебен акцент беше посветен на интензивирање на градежните работи на новата зграда на Дијагностичко ургентниот центар, чии градежни работи треба да завршат во текот на мај и тој да биде пуштен во употреба, кога ќе профункционира и најсовремената опрема, меѓу кои се и апаратите за компјутерска томографија и магнетна резонанца. Вкупната инвестиција за овој објект чини околу четири милиони евра, истакна Тодоров.

При увидот во Центарот за дијализа, потенцира тој, констатирани се субстандардни услови за третирање на пациентите и поради тоа преземени се активности за целосно реновирање на сите простории од центарот.

- Беше увидено и дека се создаваат големи гужви пред  специјалистичко консултативните амбуланти и за надминување на овој проблем преземени се мерки за итно подобрување на состојбата и воведување систем на претходно закажување на прегледите. За 10-тина дена прегледите ќе почнат да се вршат по систем на телефонско закажување, со што ќе се избегнат сегашните турканици пред амбулантите, а ќе се обезбедат по протокол и предвидени услови и временски период  за нормален преглед на пациентите, рече Тодоров.

Тој спомена дека на одделението за ортопедија е инсталиран новиот апарат за дензитометрија, со кој се утврдува густината на коските и од понеделник ќе може да ги прими првите пациенти. На одделот за интезивна нега, посочи, е инсталирана централна станица на мониторинг и во машкиот и во женскиот дел со што се добива повисок квалитет за следење на состојбите со овие тешко болни. Во болницата повторно ќе се врши колоноскопија како метода што била применувана пред десеттина година, потенцира Тодоров.

Тој истакна дека извршена е дигитализација на рендген апаратот, што придонесува за забрзување на целата процедура при издавање и читање резултати на рендген снимките, а пациентот добива ЦД со неговите снимки, испечатена верзија на снимката на хартија и компјутерски изготвен наод.

- Беше забрзана и реконструкцијата на санитарните јазли во сите оддели на Клиничката болница, направен е технички прием и пуштени се во употреба 96 санитарни чворови, санирана е целата фасада на болницата со што доби нов лик, а констатирана е потреба за доедукација на доктори од различни специјалности, како и друг медицински кадар (медицински сестри, рендген техничари). Со едукацијата ќе можат да се понудат нови здравствени  услуги, да се зголеми видот и обемот на здравстевни услуги, како и да се зголемат дополнителните приходи во болницата, додаде Тодоров.