Во Лондон економска презентација на можностите за инвестирање во Македонија

Пред 100-тина британски компании од автомобилската, електронската, машинската, хемиската индустрија, туризмот, денеска во Лондон беа презентирани  можностите за инвестирање во Република Македонија.

На Британско-македонскиот бизнис форум, бизнис климата и поволните услови и предности за инвестирање во Македонија ги презентираа министерот задолжен за привлекување странски инвестиции Веле Самак и директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Висар Фида.

Како што соопшти Кабинетот на министерот задолжен за привлекување странски инвестиции, делегацијата по форумот остварила и директни средби со неколку компании, потенцијални инвеститори.

Дополнително, се очекуваат проширени разговори и дискусии, како и веќе се договорени посети во Македонија од дел од најперспективните реализирани средби и состаноци.

Владината економска презентација почна неделава во Германија, каде делегацијата предводена од вицепремиерот задолжен за економски прашања  Владимир Пешевски заедно со министерот Самак и директорот Фида ги претставија бизнис можностите во Македонија пред повеќе од 200 германски и јапонски бизнисмени, претставници од машинската, автомобилската, хемиската и електронската индустрија, од областа на обновливите извори на енергија и заштита на животната средина, а остварија и поединечни средби со компании со кои претходно веќе е остварена комуникација и се наоѓаат во фаза на донесување одлука за инвестирање.