Економски совет: Најавени пакет мерки за намалување на невработеноста

Економскиот совет на Владата на денешната редовна седница на која присуствуваа претставници од сите стопански комори во Македонија дебатираше за прашањето на невработенсота.

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски истакна дека станало збор за голем број мерки кои ќе следат во наредниот период поврзани со начинот на евиденција и регистрација на невработените лица во државата, за системот на контроли, повеќе легислативни измени кои треба да се реализираат, за што ќе бидат спроведени и истражувања. Од страна на стопанските комори, додаде, бил побаран дополнителен период од неколку дена по што написмено до Владата ќе ги  достават нивните предлози и мерки за надминување на прашањата поврзани со невработеноста.

- Нашите очекувања се позитивни, позитивни се и очекувањата на бизнис заедницата. Верувам дека во наредните десетина дена ќе излеземе со конкретен пакет мерки со кој ќе предложиме јавна дискусија по однос на намалување на бројот на невработени лица во Македонија, рече Ристовски.

На новинарско прашање тој појасни дека Министерството за труд и социјална политика ќе продолжи со своите активности поврзани со анализа на законодавството и промена на одредени законски решенија во однос на начелно изнесените барања на коморите и врз основа на тие анализи потоа, додаде, ќе се процени кои закони ќе бидат променети. Од стопанските комори, пак, очекува предлози што ќе се однесуваат на доустручување односно дооспособување на дел од кадарот согласно реалните потреби на пазарот на труд како и за подобрување на квалитетот на стручното  образование на младите уште во процесот на нивното основно образование за зголемување на интересот за вклучување во дефицитарните струки.

Раде Ненадиќ од Сојузот на стопански комори како претставник од коморите и од агенциите за привремени вработувања изнеле свои видувања во однос на неактивноста на дел од невработените лица пријавени во Агенцијата за вработување и воведување на практичната настава.

- Најбитно за нас е усогласување на понудата и побарувачката на работна сила во Република Македонија односно образување на оној кадар кој што е потребен за стопанството и намалување на кадарот кој што реално и објективно не може да најде работа во државата, рече Ненадиќ.