Министерот Кралев за дисперзираните студии, промената на имињата на образовните установи и вработувањето кадри на универзитетите

Со новите локации за дисперзираните студии нема да се укинуваат постоечките генерации кои веќе студираат на една локација, односно студентите ќе имаат можност да ги завршат своите студии таму каде што се запишани. Интенција е преку дисперзираните студии да се овозможи образување кадар и во оние делови на Републиката каде има потреба од соодветен профил кадри, рече министерот за образование Панче Кралев во Охрид каде присуствуваше на отворањето на 15-те Студентски спортски игри.

Одговарајќи на новинарски прашања тој истакна дека се уште не е донесена одлука за тоа во кои градови ќе бидат отворени дисперзираните студии.

- Сакам да повторам дека доколку во еден град се одлучи дека постојат повеќе до три години студиите значи тогаш тие би добиле друга локација значи во друг реон на државата каде би можеле студентите и граѓаните да се стекнат со знаење од одреден профил, рече Кралев.

Во врска со информациите за планови за отворање дисперзирани студии на Факултетот за туризам и угостителство од Охрид во Крушево, министерот Кралев со оценка дека се работи за перспективен туристички центар, со голем потенцијал.
- Иако одлуката  за тоа каде ќе бидат распоредени дисперзираните студии се уште не е донесена, би сакал да истакнам дека нашата интенција е тие да се стимулираат и по гранки и по региони. Така да и Крушево е еден град кој има туристички потенцијал и од тој аспект не би требало да  биде ограничувачки од  која било гледна точка, појасни министерот за образование и наука Панче Кралев.

На прашањето по однос намерите на општината Чаир за промена на имињата на одредени училишта, Кралев потсети на неопходноста од верификација на статутот од страна на Министерството за образование и наука при промена на името на обрзовните установи.

- Во изминатиот период голем број на училишта во Република Македонија конитнуирано вршат промени на статутите на своите училишта и истите ги доставуваат до Министерството и тие не се однесуваат секогаш на промена на името. Некогаш се променуваат други одредби од статутот и тоа е една процедура која пред се подлежи на делумни проверки во рамките на МО во однос на степенот до кој се испочитувани ресорните закони, во овој случај Законот за основно или средно образование, рече Кралев.
Тој повтори дека за да можат да се променат имињата на училиштата во Чаир потребно е да се добие таа верификација што значи да се провери колку е испочитувана законската процедура од страна на општината при барањето за промена на имињата.

- Таква верификација, таква согласност се уште нема добиено општината Чаир. Така да во овој момент значи не е можно да се променат имињата. Со тек на време како што беше и констатирано  неколку пати кога ќе стигнат на ред самите статути ќе се изјаснат и стручните служби дали е запазена законската процедура и дали може да се изврши таква промена на имињата на училиштата, истакна министерот Кралев.

Конкретно за случајот Чаир тој истакна дека не е ниту прв ниту последен обид да се бара промена на име на образовна установа, но секако најави дека ќе биде покрената постапка за утврдување на одговорност доколку се работи за непочитување на законската процедура. Притоа Кралев појасни дека  доколку не е испочитувана законската рамка не е можно да се промени името на училиштето, а второ, како што рече, нормално дека ако не се дозволи од страна на Министерството промена на името на училиштето тогаш не може да тече постапката од аспект на локалната самоуправа.

По однос барањата на високообразовните установи во земјата за вработувања на дополнителен неопходен наставен кадар, министерот Кралев рече дека такви барања постојано пристигнуваат на адреса на Министерството, како и оти тоа прашање се решава преку давање т.н. блок-согласност за распределување средства што им се доделуваат на универзитетите, притоа најавувајќи дека таквата практика ќе се спроведува и во текот на наредната учебна година.