Андонов: Успешната енергетска транзиција во Северна Македонија, поздравена од меѓународните институции како пример за земјите од регионот

Успешните политики на Владата на Република Северна Македонија во делот на инвестирање во обновливите извори беа презентирани на првата конференција во Република Србија за обновливи извори на енергија организирана од страна на Асоцијацијата за обновливи извори на енергија од Министерството за енергетика и рударство на Република Србија и Европската Банка за Обнова и Развој.

На конференцијата која ја отвори Зорана Михајловиќ, заменик претседателка на Владата и министерка за енергетика и рударство на Србија, учествуваше Виктор Андонов, советник на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, кој заедно со директорот на Секретаријатот на енергетската заедница Јанез Копач, директорот на Wind Europe, Giles Dickskon и Јованка Атанацковиќ државен секретар во Министерството за енергетика и рударство на Република Србија дискутираа на панел сесија посветна на важноста од транзиција кон обновливи извори на енергија.

Андонов, истакна дека енергетскиот сектор во Република Северна Македонија е еден од најзначајните сектори за развој на економијата, а приоритетите на Владата се обезбедувањето на сигурно снабдување со енергија, економски раст и придвижување кон зелена економија. Андонов ги презентираше успешните резултати посебно во делот на практичното спроведување на првите аукции за доделување на премиум тарифи за изградба на фотонапонски централи, процес кој беше поздравен од сите меѓународни институции, како и процесот за успешна енергетска транзиција во РЕК Осломеј и изградбата на вкупно 120 MW фотонапонски електрани кои ќе ja заменат термоелектраната со чиста енергија.

На панел сесијата беше посочено дека, имајќи ја предвид моменталната подготовка на првите аукции за изградба на фотонапонски централи во Србија, искуството од Северна Македонија ќе биде од помош со цел успешен тамошен процес.
Северна Македонија како земја кандидат за полноправно членство во Европската Унија, ја следи енегетската политика на ЕУ со што целосно ги имплементира директивите и регулативите на ЕУ за енергетика.

Новиот Закон за енергетика е целосно усогласен со ЕУ регулативите, како и со Енергетската заедница и овозможува реализација на новата Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година и Националниот план за клима и енергија, кој се чека на усвојување.

Вкупната вредност на инвестициите во енергетскиот сектор, предвидени во Стратегијата за развој на енергетиката 2021-2025 изнесува околу 4,2 милијарди евра и се однесуваат на покрупни инфраструктурни проекти кои претставуваат дел од вкупно предвидените инвестиции во енергетскиот сектор на Северна Македонија.