Премиерот Груевски им го честита Велигден на сите верници од католичка вероисповед

До

Д-р Киро Стојанов

Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Република Македонија

Почитуван г. Стојанов,

Денес, на овој величествен ден сакам во свое име и во име на Владата на Република Македонија, Вам лично, на Вашето ценето свештенство и монаштво и на сите верници од католичка вероисповед во Република Македонија да Ви го честитам најголемиот христијански празник - Велигден.

Христовото воскресение е најзначајниот ден во историјата на човештвото, зашто на овој ден блеснала светлината, се дознала вистината и се родила правдината. Велигден е денот кој ја роди и кој постојано, секоја година, ја раѓа нашата радост. А за да ја доживееме и ние радоста, потребно ни е да се утврдуваме во вистината и правдата, да растеме во љубовта и благодатта, во трпението и милосрдието - да живееме во верата со добри мисли и со добри дела. Само доколку нашиот живот го красат вакви добродетели, тогаш сме ја разбрале смислата на настанот од овој прекрасен ден Велигден.

Користејќи го овој момент сакам да ја истакнам трајната определба на Владата за промоција и развој на мултиверското општество, како еден од најдобрите гаранти на напредокот, и за реализацијата на реформите и модернизацијата кои ќе го подобрат нашето секојдневие и ќе овозможат услови за понатамошен прогрес во сите сфери од значење за граѓаните, и ќе обезбедат понатамошен прогрес на нашата земја во европските и евроатлански интеграции.

Славејќи го овој голем ден, на Вас и на сите верници Ви посакувам мигови на разбирање, милосрдие и бериќет во секој дом. Господ нека не поведе во радоста на празникот и во љубовта кон верата.

Нека е за многу години големиот празник !

ХРИСТОС ВОСКРЕСНА - НАВИСТИНА ВОСКРЕСНА !

 

Никола ГРУЕВСКИ