Ристовски: Потребно е формирање економско социјални совети во општините

Иницирање за формирање економско социјални совети во локалните самоуправи, како можност за понепосредно решавање на прашањата од економско-социјалната сфера, имаше за цел денешната тркалезна маса на тема „Улогата на синдикатите во локалните економско-социјални совети“ што се одржа во организација на Конфедерацијата на слободни синдикати.

- Од исклучително значење за Македонија како земја која треба да стане членка на Европската унија е формирањето вакви совети на локално ниво. Децентрализацијата на општините не подрразбира само фискална децентрализација туку и децентрализација на оваа форма на дијалог, на правата и обврските кои од него произлегуваат. Формирањето квалитетни ЕСС на локално ниво е единствениот правилен начин на кој можат и треба да се решаваат проблемите од економско-социјална природа на локално ниво, рече министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

Тој истакна дека пред само неколку години социјален дијалог меѓу работодавачите, синдикатите и државата немало, а оти сега покрај тоа што е формиран Економско социјален совет на национално ниво, тој се децентрализира, како начин за решавање на прашањата внатре во локалните самоуправи со учество на сите релевантни фактори. Ние, рече, на национално ниво може да креираме некаква политика и закони, но општината може да си го искреира и да донесе квалитетно решение.

Претседателот на КСС Ратко Мишковски потенцира дека формирањето и фукционирањето на ЕСС на државно ниво и преку него одвивањето на социјалниот дијалог повлекло и потреба од формирање вакви совети во општините.

- Пред извесен период се формирани неколку ЕСС на локално ниво и се појавија одредени проблеми во делот на вклучувањето на сите релевантни фактори кои треба да учествуваат во нив. Затоа со оваа тркалезна маса сакавме да иницираме и да дадеме насоки за натамошно формирање на советите во другите општини, рече Мишковски.

Како и ЕСС на национално ниво, рече, и локалните ќе бидат советодавно тело и ќе разгледуваат прашања за развивање социјален дијалог на локално ниво. На ваков начин, додаде Мишковски, се поголеми шансите да се потпишат колективни договори на ниво на работодавачи, но и општините да иницираат потпишување договори на гранско ниво.