Регионална конференција за проблемите на лицата без лични документи

Непоседувањето документи за лична идентификација, што претставува неможност за остварување на правата на Ромите согласно важечките закони, беше темата на денешната Регионалната конференција за декадата за инклузија на Ромите 2005 - 2015 година, што се одржа во Скопје. Се проценува дека во светот 12 милиони индивидуи немаат националност или државјанство.

Владата е фокусирана на овој чувствителен проблем, а со колективната ангажираност, нагласи министерот без ресор и национален координатор за декадата Неждет Мустафа, е постигнат исклучително добар резултат.

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски укажувајќи дека сериозно се работи на решавање на овој проблем, информира дека изминатиот период се идентификувани 335 лица кои немаат лични документи, од кои за 55 е завршена постапката, а за 120 постапката е во тек.

- За 66 лица е утврдено дека ќе треба да се прави ДНК анализа за идентификвуање на крвното сродство со други членови на семејството. Најверојатно целиот трошок што е потребен за оваа ДНК анализа ќе потпадне под МТСП, изјави министерот Ристовски. Според ресорниот министер, во Македонија не постојат прецизни податоци за бројот на лица кои немаат лични документи, а како причина се наведува неинформираноста, но и финансиската состојба на ромската етничка заедница.

Прашањето за лицата без документи, потенцира министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, како и утврдувањето на идентитетот на секој поединец кој постојано престојува во Македонија, а потоа зависно од исполнувањето на условите и определувањето статус на државјанство, подвлече, е од суштинскот значење не само за остварување на нивните права, туку и за исполнување на обврските на овие лица кон државата во која живеат.

- Повеќедецениското прашање за бројот на лицата за кои не посотои евиденција, конечно ќе биде затворено и државата ќе има целосна евиденција, а што можеби е поважно е тоа што тие врз основа на документите кои се во постапка на издавање ќе може да ги остваруват правата кои законите во македонија ги гарантираат, рече Јанкулоска. Таа информира дека во периодот од 1992 година заклучно со март годинава со македонско државјанство се стекнале над 2.600 граѓани од ромска националност, додека од почетокот на проектот „нови лични документи“ односно од октомври 2007 година  до 3-ти март 2012 година се издадени 1.711 лични карти, во кои личното име е запишано покрај на македонски и на ромски јазик, потоа 3.419 патни исправи односно 461 возачки дозволи. Лани се донесени решенија со кои на вкупно 684 лица им е продолжено правото на престој поради признаено право на азил заради супсидијарна заштита, а станува збор за лица кои во Македонија престојуваат по основ од Косовската криза во 1999 година односно лица Роми, Ашкали или Египќани од Косово. Во периодот од 2003 до 20122 на 22 лица од Косово им е признаен статус „бегалец“. Околу 200 лица поседуваат посебни идентификациски документи (жолти картони), кои се важечки се до поднесување барање за доброволно враќање во матичната држава.  

Евроамбасадорот Аиво Орав во обраќањето на конференцијата меѓу другото посочи дека ЕУ ја набљудува и врши проценка на ситуацијата со Ромите во рамки на извештаите кои се изработуваат за државите.

- ЕУ забележа дека постои забавување на интеграцијата на Ромите во споредба со минатата година. Ромите треба заедно со сите граѓански општества да вложат напори и да се залагаат за да се надминат проблемите со кои се соочуваат на сите нивоа, рече амбасадорот Орав.

Според шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје Ралф Брет, земјите од регионот треба повеќе да се посветат на подобрување на ситуацијата на Ромите, вклучувајќи го и прашањето за добивање лични документи.

- Лицата без документи немаат пристап до основните човекови права, а тоа не е прифатливо во 21 век во Европа. Се проценува дека околу 20 илјади луѓе се соочуваат со овој проблем во Југоисточна Европа, затоа владите се посветија на преземање мерки и меѓународна соработка во однос на ова прашање, посочи Брет.