Промена во квотите и студии во мирување во Конкурсот за 2012/2013

Конкурсот за запишување студенти во прва година на јавните универзитети во 2012/2013 ќе понуди слободни места приближно колку и во минатата студиска година, но ќе има промени во квотите и мирување на некои студии.

Министерот Панче Кралев денеска на средба со новинарите рече дека во Конкурсот, кој ќе биде објавен деновиве, има забележлива тенденција за стимулирање на студиите од техничките науки, а ќе има драстично намалување или мирување на студии кои се суфицитарни на пазарот на трудот.

Ќе мируваат или драстично се намалуваат некои студиски програми за јавна администрација на универзитетите во Тетово и    Битола, намалување има во квотите за педагошките насоки и за социјална работа, а студиите за библиотекарство се во мирување на сите универзитети каде што постојат.

Поради големиот интерес и согласно со глобалните трендови ќе има повеќе места на студиите по Е-бизнис. ФИНКИ, за кој министерот рече дека е успешна приказна зашто за само една година од отворањето привлекол голем интерес,  ќе отвори дисперизрани студии за ИКТ-студии во Делчево и Кумананово, а зголемени квоти и нови дисперзии ќе има и од Градежниот факултет.

- Не е доволно да ги згoлемиме квотите, туку треба да се поттикне и интересот, рече министерот, според кого тоа се постигнува и преку поврзување со бизнис-секторот и нивните стипендии, како што тоа функционира со ФЕИТ и Технолошко-металуршкиот факултет.

Кралев рече дека нема пречка за објавување на Конкурсот, иако измените на над 500 студиски програми на државните универзитети не се акредитирани од Одбророт за акредитација, што е обврска согласно со измените во Законот за високото образование.

- Конкурсот може да биде објавен и додека тече процесот за акредитирање на студиските програми, рече Кралев и информираше дека идната недела ќе има средба со претставници на универзитетскиот Сенат и на Одборот за акредитација во врска со барањата за измени на програмите.

На средбата со новинарите беше претставена новата директорка на Државниот просветен инспекторат - Надица Николоска. Пред десетина дена таа ја наследи функцијата од Џорџе Арсов кој замина во пензија. Има работно искуство како наставник и како раководител во сектор во Пазарниот инспекторат. Дипломирала за менаџер по туризам на Битолскиот универзитет и беше пратеничка од Струга во минатиот собраниски состав.

Николоска не даде првична оценка за состојбата во образованието и што смета за слабост и приоритет за надзор. Рече дека ќе се залага за неселективна примена на законите за основното, средното и високото образование и дека ќе се инспектира квалитетот на наставата.

Кралев додаде дека мора да се зајакне бројот на инспектори кои сега се недоволни 41. На почеток, рече тој, бројот ќе се дополни со уште пет иснпектори кои ќе бидат распоредени по региони и во подрачните инспекторати во општините. За нив ќе има конкурси со одредени критериуми, меѓу кои пет години работно искуство во образование.  

Министерот соопшти и дека се уште не е готова анализата за состојбата и оштетеноста на компјутерите во училиштата, но дека има разлики од општина до општина. До крајот на годинава се очекуваат и првите психотестови што ги најави МОН за новововработените наставници.

- Ќе ги видиме резултатите и ако сме задоволни од процесот, може да размислиме тие да важат и за сите наставници. А и добро е да важат за сите, рече миниатерот за образование и наука.