Вицепремиерката Арифи во еднодневна посета на Бугарија

Вицепремиерката за европски прашања Теута Арифи денеска во Софија, во рамкиите на еднодневната работна посета на Република Бугарија, се сретна со министерот за надворешни работи Николај Младенов со министерот одговорен за менаџирање со европските фондови Томислав Дончев, како и со Доброслав Димитров, претседател на парламентарната Комисија за надворешна политика и одбрана.

На средбите, како што информира Секретаријатот за европски прашања,  беше изразено задоволство од нивото на билатералните односи меѓу двете држави и изразена заложба за унапредување на соработката во области од заемен интерес.

- Тема на разговорите беа актуелните состојби во државата, со акцент на процесот на евроинтеграција на нашата држава, за кои, како што беше нагласено, постои непроменет висок консензус во македонското општество, се вели во соопштението од СЕП.

Вицепремиерката Арифи, се нагласува, информираше за активностите и реализацијата на реформските процеси во државава, особено во поглед на реализацијата на препораките на Европската комисија во клучните области како што се реформите во судството, јавната администрација, слободата на изразување и други области. Во таа насока, вицепремиерката Арифи се осврна и на Пристапниот дијалог на високо ниво и техничкиот дијалог за поглавјата 23 и 24.

Покрај тоа, се додава, особен интерес беше искажан во однос на регионалната соработката, со акцент на искористувањето на европските финансиски фондови, особено преку ИПА Програмата за прекугранична соработка. Досегашното искуство покажува позитивен тренд на овој вид соработка, која на задоволство на двете страни е поддржана од Европската комисија.

Процесот на приближување на нашата држава кон Унијата, беше дискутиран и на средбата во бугарскиот Парламент, на која, меѓу другото, беше нагласено значењето на парламентарната димензија во остварувањето на оваа цел.

- Заедничка констатација на соговорниците беше дека приклучувањето на земјите од регионот кон Унијата ќе придонесе за стабилноста на економски, политички и социјален план, се нагласува во соопштението од СЕП.