Полициите на Македонија и на Баварија ја продлабочуваат соработката

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и првиот човек на Баварското министерство за внатрешни работи Јоахим Херман, денеска во Скопје потпишаа декларација за соработка.

Македонското и Баварското МВР ќе ја зајакнат соработката во борбата против криминалот, корупцијата, трговијата со луѓе и проституција, против детската порнографија, криминалот со наркотици, компјутерскиот и интернет криминал, незаконското производство и трговија со оружје и полициската соработка во целост во интерес на двете земји.

- Овој договор значи и унапредување на соработката во делот на форензичката наука, меѓународната трговија со историски и културни добра и спречувањето на сите злоупотерби поврзани со тоа, изјави Јанкулоска по потпишување на декларацијата. Таа информира дека е иницирано прашањето за заемно признавање на возачките дозволи.

Министерот Херман потенцира дека Баварија е најбезбедна покраина во Германија со најмала стапка на криминалитет.

- Го поддржуваме патот кон членство на Македонија во ЕУ, но мораме да се грижиме и за задржување на безбедноста што ја имаме во Баварија и токму поради тоа соработката со Македонија е важна, изјави Херман.

Заеднички е констатирано дека бројот на азиланти од Република Македонија во западноевропските земји, особено во Баварија, бележи благ пад, што пак не значи дека нема да се продолжи со истиот интензитет во преземањето мерки кои минатата година дадоа резултат.

Одговарајќи на новинарско прашање како ги оценува напорите на македонската Влада во однос на справувањето со лажните азиланти, баварскиот министер посочи дека сите оние кои во 2010 година влегле во Германија создале дополнителни грижи.

- Македонија направи напори за справување со овој проблем, така што билансот од минатата година покажува дека бројот на лажните азиланти кои влегле во Германија е повеќе од преполовен. Тоа значи дека напорите на Владата на Република Македонија вродуваат со плод, истакна Херман.