Попоски: Одложувањето на почетокот на преговорите со ЕУ нема да помогне за решавање на името

Македонија што побргу да ги почне пристапните преговори со ЕУ бидејќи натамошното одложување на одлуката нема да придонесе за решавање на спорот со името, побара шефот на македонската дипломатија Никола Попоски во обраќањето на конференцијата „Балканот на патот кон европската интеграција“, што под покровителство на претседателот на Групата на Европските народни партии во Европскиот парламент, Жозеф Дол, се одржа денеска во Брисел.

Попоски, соопшти МНР, нагласи дека и покрај трите последователни препораки од страна на Европската комисија за почеток на пристапните преговори со Македонија процесот останува блокиран поради прашањето за името со Грција. Македонија во меѓувреме го започна Пристапниот дијалог на високо ниво со Европската комисија кој не претставува замена за самите преговори за членство. Посочи дека Грција, како поддржувач на процесот на проширување, може да даде значаен импулс и придонес за ревитализација на европската перспектива на земјите од целиот регион.

Европската перспектива на Балканот, според Попоски, во голема мера придонесе и сè уште придонесува за трансформацијата и демократизацијата на опшествата на земјите од регионот. Сепак, и покрај позитивниот тренд, ЕУ мора да го задржи кредибилитетот на процесот на проширување со сите земји од регионот и да го одржи моментумот кој ќе придонесе кон поголема стабилност и просперитет на Европа, укажа македонскиот министер за надворешни работи.

Министерот Попоски денеска во Брисел се сретна и со генералниот директор за проширување во Европската комисија, Стефано Санино. На средбата стана збор за натамошните активности и чекори во рамките на Пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Република Македонија и Европската унија. Попоски информира дека Владата веќе го подготвила и набрзо ќе го усвои Оперативниот патоказ кој содржи временска рамка за секоја мерка од реформските цели договорени со Европската комисија. 

Санино ја поздрави брзата реакција и конкретните заложби на Владата за дефинирање и имплементација на националната реформската агенда за пристапување во ЕУ. Искажа уверување дека оперативниот патоказ ќе биде одлична основа за квалитетно следење на напредокот во рамки на Пристапниот дијалог на високо ниво чиј втор состанок ќе се одржи на 7 мај.

Шефот на македoнската дипломатија имаше средби и со повеќе пратеници во Европскиот парламент, меѓу кои и со известителот за Република Македонија, Ричард Ховит, соопшти МНР.