Пуштена во употреба новата препумпна станица во Горно Лисиче

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и градоначалниците на Град Скопје и на општина Аеродром Коце Трајановски и Ивица Коневски денеска ја пуштија во употреба новата препумпна станица во Горно Лисиче.

Препумпната станица е лоцирана на десниот брег на реката Вардар во Горно Лисиче и е заедничка инвестиција на општина Аеродром и на Град Скопје, во висина од околу 800 илјади евра. Капацитетот на препумпната станица е 1.450 литри во секунда, со длабочина на испумпување од седум метри. Станицата директно ќе ги препумпува и ќе ги одведува сите фекални отпадни води од населбите Горно Лисиче, Лисиче, Ново Лисиче, Аеродром, како и населбата 11 Октомври од општина Кисела Вода, каде гравитираат над 10 илјади семејства. Оваа станица ќе се предаде на ЈП „Водовод и канализација“, кое ќе биде задолжено за нејзино одржување. Изведувач на работите на овој проект е фирмата МЗТ Пумпи АД Скопје.

- Владата ги поддржува ваквите инвестиции кои, пред се значат заштита на животната средина и поквалитетен живот за граѓаните од Лисиче. Очекувам дека многу набрзо општина Аеродром ќе ја изгради секундарната мрежа, со што оваа препупмна станица целосно ќе биде ставена во функција и ќе се реши деценискиот проблем на жителите на Лисиче, додаде Јанакиески.

Тој потсети дека со цел да се овозможат поголем број на вакви инвестиции, Владата обезбеди 50 милиони евра. - Веќе дел од тие проекти се реализираат и апелирам до сите општини кои треба да ги докорегираат проектите или да достават проекти, тоа да го направат што поскоро за да може поголем број на вакви проекти да се реализираат во Македонија, рече Јанакиески.

Градоначалникот Коневски потенцира дека при реализацијата на овој проект имале помош од Министерството за транспорт и врски.

Според него, овој проект е значаен од еколошки аспект и со него ќе се стави крај на употребата на септички јами кои се користат повеќе од 40 години.

Трајановски рече дека ова е најголем проект на Град Скопје и на општина Аеродром во изминативе две години.

- За да работи оваа препумпна станица треба да се направат и колекторите. Град Скопје инвестора 50 отсто во оваа станица, а 50 отсто општина Аеродром. За изградба на колекторите Град Скопје лани, од последната станица на автобусот со број 5 до препумпната станица потроши околу 20 милиони денари. ЈП „Водовод и канализација“ во вредност од 110 милиони денари го изгради главниот колектор кој доаѓа од последната станица на автобусот со број 5 до овде, и неговото завршување е при крај, посочи Трајановски.

Тој додаде дека граѓаните треба да бидат стрпливи и да почекаат да заврши секундарната фекална канализација, која е во тек на изградба.

- Оваа препумпна станица нема да работи со целиот капацитет бидејќи само дел од фекалните води пристигнуваат тука, рече Трајановски.