Редовна седница на Комитетот за туризам

Во Владата на Република Македонија вчера (среда, 11 април 2012 година) се одржа редовна седница на Комитетот за туризам со која претседаваше претседателот на Владата, г-дин Никола Груевски.

На седницата се разговараше за предлог Стратегијата за рурален туризам во која е направена анализа на трендовите во руралниот туризам, како и анализа на состојбите во Република Македонија во оваа област, при што врз основа на податоците добиени од истражувањата се дадени препораки за усвојување на моделот на стандардизација и усогласување на Еурогитес на руралниот туризам во Република Македонија.

Исто така, на Комитетот за туризам се дискутираше и за повеќе прашања кои се однесуваат на промовирање на македонскиот туризам во различни земји, потоа привлекување на нискобуџетни познати имиња од хотелиерството во рамки на коридорите 8 и 10, како и подобрување на условите за туристичко сместување во ловните домови, детските и работничките одморалишта, како и авто камповите.

Воедно, на седницата се разговараше и за активностите кои се преземаат за ширење на мрежата на туристички информативни центри низ државата, отворањето на мали пристаништа за забава и риболов, како и за интересот кој го пројавуваат инвеститорите за отворање на традиционални македонски ресторани, продавници за сувенири и облека.

Во таа насока Комитетот за туризам во следниот период ќе ја разгледа можноста за ангажирање на консултантски куќи кои би им дале поддршка на граѓаните и компаниите во Република Македонија за користење на ИПА и ИПАРД фондовите кои се однесуваат на проекти за промоција и поддршка на туризмот.