Владиниот економски тим предводен од Ставрески од Русија се враќа со нова инвестиција

 Руска компанија ќе инвестира шест милиони евра во изградба на капацитет за преработка на отпадоци од месната индустрија во источниот дел од Македонија.  

Ова е позитивната вест што ја соопшти вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески по завршувањето на економската презентација на Македонија во Русија. 

- Како резултат на контактите што ги имавме овде со инвеститорот и претходната активност на промоторот во Москва можеме со голема извесност да соопштиме дека ќе имаме уште една руска инвестиција во Македонија, изјави министерот Ставрески по завршување на посетата на Русија.  

Станува збор за фабрика која што ќе преработува отпадоци од месната индустрија и преку биотехнолошкиот процес ќе се користат за медицински и други потреби. Како што посочи договорено е инвеститорот до крајот на месецот да дојде во Македонија и да регистрира фирма, што значи дека има голема извесност да дојде до таа инвестиција.

Најавено е рускиот инвеститор да вложи меѓу пет и шест милиони евра, но, како што истакна Ставрески, најзначајно е за сите што ќе се отворат нови работни места и што ќе помогне во источна Македонија да се ублажи невработеноста.