Грковска-Брнз: Продолжува поддршката и соработката за унапредување на демократските процеси и стратешките реформи

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска денеска ја прими амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Кејт Мари Брнз, придружувана од д-р Ерик Јановски, претставник на Канцеларијата на УСАИД (Агенција на САД за меѓународен развој) во Република Северна Македонија, како и д-р Слаѓана Србиноска, менаџер-специјалист во американската Агенција.

Амбасадорката Брнз на вицепремиерката Грковска ѝ го честиташе стапувањето на новата должност, потенцирајќи ја отвореноста на САД за соработка и продолжување на спроведување на реформите и системските мерки, кои  се од огромна  важност во квалитетната борба против корупцијата и од значење за унапредување на евроинтегративниот процес на државата.

Грковска, ја изрази својата подготвеност за продолжување на досегашните успешно спроведени стратешки цели и приоритети за зацврстување на доброто владеење во државата, со фокус на владеењето на правото, редот, антикорупцијата и безбедноста, како владини политики, важни за сите граѓани на државата.

Беше констатирано дека досегашните резултати во овие области се солидна основа за остварување на веќе планираната надградба на Планот за борба против корупцијата темелена на четири столба: дигитализација, независно и ефикасно правосудство, професионализација на институциите и превентивни мерки.

Заменичката Грковска и Амбасадорката се согласија дека ќе продолжат со плодната соработка во насока на остварување на стратешката цел на Владата за добро владеење со цел државата да има професионални институции кои работат и остваруваат во полза на граѓаните.