Министерот Беџети додели триесетина лиценци за судски вештаци

Триесетина професори, доктори на науки, магистри и експерти од различни области и дејности денеска добија лиценци за судски вештаци.

Министерот за правда Блерим Беџети на доделувањето на лиценците истакна дека ќе се залагаат за воведување висока професионализација на вештаците преку исполнување на потребните услови и полагање на стручен испит, со што се гарантира поквалитетно извршување на дејноста вештачење.

- Министерството за правда согласно надлежностите утврдени со Законот за вештачење во изминатиот период изготви 450 лиценци на судски вештаци од повеќе области, меѓу кои 187 лиценци од областа на медицината, 125 лиценци од економијата, 42 лиценци од машинство и сообраќајот, 19 лиценци од геодезијата, градежништвото и архитектурата, девет лиценци од земјоделството, шумарството и водостопанствотo, 14 лиценци од областа технолошко инженерство, четири лиценци од рударството и геологијата, 11 лиценци од областа на животната средина и екологијата, како и девет лиценци од областа на ветеринарство, рече Беџети.

Со цел поуспешна имплементација на Законот за вештачење Министерството за правда во законски пропишаните рокови ги донесе сите подзаконски акти, а формира и 19 комисии за полагање стручен испит за вештак од различни области.

- Беше спроведен стручен испит за стекнување со лиценца за вештак од областа на материјално сметководственото и финансиско работење, на кој од 145 пријавени кандидати испитот го положија 82, нагласи Беџети.

Министерството за правда во претстојниот период, како што најави тој, ќе ги комплетира и комисиите кои недостигаат со соодветни експерти од областите, по што ќе се распишат и огласи за полагање од оние области каде што има најголема заинтересираност. - Една од активностите кои следат е и објавување на Регистарот на вештаци, кој по неговото објавување во Службен весниk на РМ ќе биде достапен за сите судови во Републикава и за другите надлежни институции, додаде министерот за правда.

На прашањето кои задачи досега се сработени и каде може да покажеме успех пред еврокомесарот Штефан Филе, кој треба да дојде во мај, Беџети одговори дека досега е доста сработено  и оти дотогаш ќе има и конкретни резултати.

Одговарајќи на прашањето зошто не е продолжен мандатот на директорите на скопскиот и кумановскиот затвор, Беџети рече дека „имајќи предвид оти едниот од нив беше в.д. директор, сега е поставен нов в.д. директор и согласно анализите за сработеното Владата се одлучи за нови директори“.