Министерката Јанкулоска во посета полициската станица во Кочани

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска ја посети полициската станица во Кочани и оствари средба со началникот на Секторот за внатрешни работи во Штип Момчило Сталетиќ.

Во получасовната средба зад затворени врати се разговарало за апсењето на командирот на ПС во Кочани Ванчо Тодоровски и други инволвирани во акцијата „Детонатор“, како и за други прашања поврзани со актуелните случувања во источниот дел од државата.

- Денеска сум во работна посета на СВР Штип и ПС Кочани. Сакав да се информирам од прва рака за промената на раководството во оваа станица, бидејќи по акцијата „Детонатор“ овде настанаа кадровски промени, а во меѓувреме надлежните служби од МВР направија темелна проверка на работата на ПС заради постоење основано сомнение дека претходното раководство во одредени случаи не ги почитувало полициските правила и се направени одредени прекршувања на службените овластувања. Сите овие проверки на поголем број предмети и на изјавите на сведоците кои дадоа искази во ПС потврдија дека од првите луѓе на станицата се сторени тешки кривични дела за кои ние поднесовме кривични пријави, истакна Јанкулоска.

Акцијата „Детонатор“, потенцира Јанкулоска, продолжува во сите сектори на МВР низ цела Македонија се до откривање на последните инволвирани. 

Кривична пријава му е поднесена и на пензионираниот заменик-командир на ПС Кочани Санде Стоименов, кој е осомничен за злоупотреба на службената должност.

За време на получасовниот престој во Полициската станица, министерката Јанкулоска не се сретна со приведениот поранешен командир Ванчо Тодоровски, кој се наоѓал во една од просториите.

Инаку, Тодоровски е пренесен во Основниот суд во Кочани каде му е предаден на Истражен судија заради понатамошен распит и истражна постапка.