Заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска имаше средба со претседателот на Државната комисија за жалби по јавни набавки Кирил Каранфилов, на која се разговараше за унапредување на системот за јавни набавки и за отстранување на сите можности за нивни злоупотреби.
Вицепремиерката Грковска истакна дека заштитата на јавните средства и регулирање на начинот на кој тие се трошат, се врвен приоритет за Владата. За таа цел, додаде таа, се преземаат конкретни мерки за унапредување на транспарентноста и отчетноста при трошењето на јавните средства.
Претставниците од Државната комисија за жалби по јавни набавки истакнаа дека ги поддржуваат напорите на вицепремиерката Грковска за системски решенија и стандардизација во процесот на јавни набавки, кои ќе гарантираат регуларен и транспарентен процес.
Претседателот на Комисијата Каранфилов информираше дека со овозможувањето на поголемата достапност на жалбената постапка, преку намалувањето на надоместокот за водење на жалбата, како и во воведувањето на електронската жалба, решенија предвидени во Законот за јавни набавки од 2019 година, зголемен е бројот на предмети по кои постапува Комисијата.
Вицепремиерката Грковска информираше дека минатата недела одржа состанок со директорот и службите од Бирото за јавни набавки, со цел да се информира подетално за Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) и можноста како тој да се унапреди за да се обезбеди поголема контрола.
Таа изрази задоволство што Бирото за јавни набавки интензивно работи на стандардни модели на технички спецификации и оцени дека тој процес мора да продолжи.