МОН: Користењето на Е-дневникот задолжително од идната учебна година

Од идната учебна година Е-дневникот ќе се употребува задолжително во сите училишта и по сите предмети, а примената ќе ја контролираат просветните инспектори. Софтверот веќе требаше да биде секаде користен, но МОН им остава време за адаптација на наставниците до крајот на оваа учебна година.

- Ќе продолжиме со интензивна поддршка на сите кои сакаат да осознаат како да се користи овој систем, но од следната година користењето ќе биде задолжително. Државниот просветен инспекторат е веќе на терен, но од тогаш интензивно ќе ја контролира употребата на Е-дневникот, изјави министерот Панче Кралев, одговорајаќи на новинарско прашање зошто Е-дневникот не е секаде во употреба иако е инсталиран.

Кралев рече дека од идната година можно е да има и казни за наставниците што не го применуваат Е-дневникот, но нагласи дека најпрво треба да се види досегашниот ефект, полезност и искористеност на системот.

- Од почетокот на годината имаме огромен внес на податоци. Имаме исклучителен пораст на користење на системот. Доколку продолжи овој тенд, очекуваме дека до крајот на годината ќе бидат опфатени поголем број училишта и предмети. Треба да ги видиме објективно  причините зошто не се користи во останатите училишта. Доколку нема објективни причини, може ќе се размисли и за санкции. Веруваме дека системот е од таква природа што не би требало да постојат необјасниви причини за некористење, рече Кралев, кој денеска присуствуваше на Мајкрософт филмски фестивал.

Министерот додаде дека покрај од наставниците, системот треба да има голема поддршка од родителите. Тие имаат најголема корист од Е-дневникот зашто со него може да го следат успехот на своите деца во наставата.