Викторија Абрил се сретна со Канческа-Милевска и го посети Музејот на македонската борба

Европската филмска ѕвезда Викторија Абрил денеска е во Скопје за да присуствува на македонската премиера на филмот „Жената што си ги избриша солзите“ во која ја игра главната улога. Проекцијата е закажана вечер во кино „Милениум“.

Абрил денеска заедно со министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и со прoдуцентката на филмот Лабина Митевска го посети Музејот на македонската борба.

- Македонија нема никогаш да ја заборавам. Тука дојдов првпат во 2009 година во Битола, благодарение на Лабина, која три месеци инсистираше да дојдам на фестивалот во Битола, а еве денеска имаме премиера на филмот „Жената што си ги избриша солзите“, и тоа како сон.... , рече Абрил.

Ќе се сеќава, рече таа, на првиот престој во Македонија кога една седмица патувала низ земјата. И се допаднале пријатните луѓе и природата што ја потсетило на Андалузија и детството. Рече дека стекнала ново семејство во Македонија - сестрите Лабина и Теона Митевска, режисерката на филмот, и оти била тажна кога си заминувала. Задоволна е и од снимањето на филмот и се надева дека тој ќе и се допадне и на макеоднската публика. Ја импресионира и тоа што е изработен од интернационална екипа, рече како Вавилонската кула, со членови кои зборуваат на 15 европски јазици.

Министерката Канческа-Милевска и се заблагодари на Абрил за повторната посета на Македонија. На кратката средба со филмската ѕвезда, ја запознала за филмската продукција во Македонија и за идните активности.

- И се заблагодарив за нејзината огромна поддршка за овој македонски филм кој е значаен за Македонија. Се надевам дека денеска граѓаните ќе уживаат на македонската премиера и дека Викторија Абрил повторно ќе ја посети нашата земја, изјави Канческа-Милевска.