Битиќи од Италија: Билатералните комори може да помогнат во интензивирање на соработката помеѓу бизнисите кои делуваат во Италија и Северна Македонија

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, кој ја предводи делегацијата во која е и министерот задолжен за дијаспора Џемаил Чупи  во рамки на работната посета на Италија, попладнево, заедно со претставници на стопански комори од Северна Македонија (Стопанската комора на Северна Македонија, Стопанската комора на Северо-западна Македонија и Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии), заедно со градоначалници од неколку општини  учествуваа на Бизнис форум во Венеција.

Домаќин на Форумот е Италијанско-македонската стопанска комора АПИ НОРДЕСТ, која со организација и на Форум во Тревизо, вчера, на 9 јуни 2022 година беше промовирана пред италијанската бизнис заедница и претставници на локалната самоуправа во Италијанската Република како прва ваква асоцијација.

Претседател на стопанската комора АПИ НОРДЕСТ е Мунир Шемши, бизнисмен од Италија, со потекло од нашата земја, кој ја предводи асоцијацијата на претприемачи и професионалци од двете земји со цел интензивирање на взаемната економска и трговска соработка и развој.

Вицепремиерот Битиќи во своето обраќање на Форумот, кој беше искористен за  презентирање на економската состојба на Северна Македонија и нејзиниот инвестициски потенцијал во секторите, кои се од интерес за италијанските бизнисмени, најпрво упати честитки за формирањето на Италијанско-македонска стопанска комора АПИ НОРДЕСТ изразувајќи увереност дека  само преку вакви канали на комуникација е можен побрз развој на двете земји.

Вицепремиерот Битиќи посакувајќи им успех на членовите на Италијанско-македонската стопанска комора, го сподели своето долгогодишно искуство во минатото, како вработен во приватниот сектор, споменувајќи го своето ангажирање за подобрување на капацитетите на повеќе комори во Северна Македонија и во регионот на Западен Балкан и како директор на една комора.

Вклучително и како член на Владата одговорен за економските ресори, истакна дека заедно со одделните комори со особено внимание учествува во  подобрување на деловната бизнис клима во нашата земја.

„Јас верувам дека коморското здружување, а посебно билатералните комори може да помогнат во интензивирање на соработката помеѓу бизнисите кои делуваат во Италија и Северна Македонија, бидејќи преку формализиран пристап од двете страни ќе има поголема двонасочна комуникација и тоа сум убеден дека ќе вроди со плод“, истакна Битиќи.

Тој, додаде дека еден економски систем може да се развива, само кога сите негови  сегменти и институции функционираат професионално и одговараат на барањата на компаниите, систематски и темелно предлагајќи решенија за решавање на проблемите со цел надминување на сите предизвици.

„Северна Македонија ги нуди еден од најповолните пакети на поддршка за инвестиции во Југоисточна Европа, која што е 100 % хармонизирана со ЕУ директивите за државна помош“, рече Битиќи набројувајќи ги поволностите за инвеститорите во нашата земја како:  поддршката на инвестиции во преработувачкиот сектор до ниво на 50% од вкупните инвестиции, можностите за ослободување на данок на доход и данок на добивка за период од 10 години, поддршката за нови вработувања со грантови до 4.400 евра по вработен.

На Форумот му претходеше и средба на претставниците на стопанските комори од Северна Македонија со нивните колеги од Унијата на стопански комори на Италијанската Република и Матиа Карлин, потпретседател на Унијата на почесни конзули во земјата, кои разговараа за интензивирање на соработката меѓу компаниите од двете земји.

Покрај вицепремиерот Битиќи, на Форумот свое излагање имаа и Џемаил Чупи, министер во Владата задолжен за дијаспора и Мунир Шемши, претседател на италијанско-македонската стопанска комора АПИ НОРДЕСТ.

Шемши во својот говор посочи дека нема да се обидува да ја крие радоста и возбудата дека овој ден е конечно дојден, по долги години заложба и работа за воспоставување на оваа комора и најави дека прва активност на истата ќе биде воспоставување на академија за градежништво, која ќе ја врати уметноста на градежништвото.

Официјалната владина делегација, предводена од вицепремиерот Битиќи, придружуван од министерот Чупи во рамки на дводневната работна посета на Италија оствари повеќе средби со претставници на одделни италијански региони и на бизнис заедницата во оваа држава и одржаа прес-конференција, информирајќи за настаните.