Започнува со имплементација Третиот проект од Програмата за подготвеност и подготвителна поддршка на Зелениот климатски фонд, со наслов „Градење капацитети за одржлив развој на човечки капитал во Северна Македонија“

Денеска се одбележа започнувањето на Третиот проект од Програмата за подготвеност и подготвителна поддршка на Зелениот климатски фонд, „Градење капацитети за одржлив развој на човечки капитал во Северна Македонија“. Проектот ќе го спроведува Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ) под водство на Кабинетот на Заменик на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, во улога на Национален назначен орган за Зелениот климатски фонд (ЗКФ), во соработка со надлежните ресорни министерства-Министерството за здравство, Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика. Проектот е со времетраење 1 јули 2022 година до 30 јуни 2024 година.

По повод отпочнување на проектот денеска во Владата на Република Северна Македонија беше потпишана Спогодба за спроведување на Проектот помеѓу Давид Оберхубер, директорот на ГИЗ за Северна Македонија и Фатмир Битиќи, заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции.

Проектот има за цел да го поддржи развојот на одржлив човечки капитал и да го поттикне потенцијалот за систематска климатска акција. Имено, без постоење на задоволителен човечки капитал, невозможно е на систематски начин да се продолжи со плодотворна климатска акција во земјата.

Вицепремиерот Битиќи на настанот истакна „Во изминатиот период имплементиравме два проекти од Програмата за подготвеност и подготвителна поддршка на Зелениот климатски фонд, преку кој ги воспоставивме механизмите за соработка со Зелениот климатски фонд, ги воспоставивме процедурите, ги дефиниравме приоритетните сектори, но и начинот на приоритизирање на проектите во рамките на секторите, го отпочнавме процесот на акредитација на национална институција кон Зелениот климатски фонд.

Овој проект ќе биде насочен кон сектори кои не се секогаш актуелни, кога станува збор за климатски промени, но се најранливи и маргинализирани.

Токму затоа сметавме дека фокус на овој проект треба да биде зајакнување на капацитетите во секторите здравство, образование и социјална вклученост.“

Дополнувајќи, „Секогаш при дефинирањето на проектите се водиме од парадигмата Leave no one behind Или никој да не изостане.“

„Проектот има за цел да развие климатски-отпорен човечки капитал фокусирајќи се притоа на ефектите во хумано-интензивните сектори како здравство, образование и социјала. Би сакал да го изразам мојата благодарност до сите институции и професионалци кои беа вклучени во процесот на подготовка на проектот. Веруваме дека нашето партнерство и доверба уште повеќе ќе се зацврснат во текот на имплементацијата на проектот”, изјави Давид Оберхубер, директор на ГИЗ за Северна Македонија.