Вицепремиерот Пешевски во посета на Штип


Вицепремиерот Владимир Пешевски денеска во посета на подрачните единици на министерствата во Штип. Целта,како што изјави, да се слушнат проблемите со кои на терен се соочуваат вработените во инспекторатите.  


-  Ова е дел од нашите редовни активности да ги слушнеме и нив за да најдеме решение за некои нивни конкретни барања, рече Пешевски по денешните средби со претставници на компаниите и граѓаните во Штип.


Тој ја посети и општина Штип и се сретна со штипскиот градоначалник Зоран Алексов. Најави дека и покрај најавениот ребаланс на Буџетот нема да има откажување на почнатите проекти на општините.


- Кратење генерално има секаде, но поради ребалансот нема да има откажување на ниту еден проект кој го работат регионите. Можеби динамиката на нивното реализирање само ќе биде побавна, но откажување на проекти нема да има. Она што е зацртано ќе биде реализирано, истакна Пешевски.


Тој потенцира дека  Владата континуирано работи на подобрување на бизнис климата и им помага на компаните да се справат со кризата што ја погоди Еврозоната. -Не подготвуваме класични пакети на антикризни мерки, туку постојано работиме на подобрување на бизнис климата. Секоја добра идеја ја прифаќаме и ја реализираме, но не ја промовираме како антикризна мерка, туку како мерка за подобрување на бизнис опркужувањето, потенцираше Пешевски.