Вицепремиерката Арифи во ОН се сретна со Пура и Султаноглу

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Теута Арифи, во рамки на работната посета во САД, се сретна со Лакшим Пура, заменик директор на Агенцијата за родова еднаквост при Организацијата на обединетите нации, UN-Women.

На средбата се разговараше за проектите што се спроведуваат во Македонија, со поддршка од UN-Women, со цел обезбедување на поддршка за исполнување на националните цели за родова еднаквост, кои воедно се и дел од реформите поврзани со европската интеграција.

Во овој контекст посебно е истакната важноста на тековните проекти за промоција на социјалната вклученост и зголеменото учество на жените во јавниот живот, како и воспоставувањето на соодветните политики за родова еднаквост. Нагласен е фактот дека подобрувањето на положбата на жената во општеството е предуслов за подобра иднина на земјите од регионот на Западен Балкан.

Вицепремиерот Арифи, како што информираат од нејзиниот Кабинет, се сретна и со регионалниот директор на УНДП за Европа и Централна Азија, Џихан Султаноглу.

На средбата се разговараше за проектите на УНДП што се спроведуваат во Македонија, кои се од посебна важност за прашањата околу децентрализацијата и регионалниот развој. Двајцата соговорници се согласија дека Дијалогот од високо ниво со ЕУ, е добра можност Македонија да ги интензивира реформите и да го забрза приближувањето кон ЕУ.

Исто така директорот Султаноглу ја изрази подготвеноста на УНДП, со конкретни проекти да даде поддршка на процесот на Дијалогот од високо ниво со ЕУ што е поздравено од страна на вицепремиерката Арифи.