Средби на министерот Попоски со сенатори во САД и предавање на Брукингс институтот

Министерот за надворешни работи Никола Попоски на последниот ден од работната посета на САД, синоќа во Вашингтон се сретна со сенаторот Џемс Веб, член на комитетите за надворешни односи и одбрана на Сенатот на САД.

Афирмирајќи го фактот дека Република Македонија ги исполнува критериумите за членство во НАТО и е значаен контрибутор во мисиите на Алијансата, шефот на дипломатијата побара поддршка од Веб за што побрзо добивање покана за членство во НАТО.

Министерот Попоски денес имаше и обраќање во Брукингс Институцијата, една од најавторитетните во областа на надворешната политика во САД. Пред претставници на американската администрација, невладината и академска заедница, како и претставници на дипломатскиот кор, Попоски зборуваше за односите на Република Македонија со САД и за посветеноста, постигањата и предизвиците во контекст на евроатлантското интегрирање.

Високо оценувајќи го развојот на билатералните подноси со САД базирани на долгорочно стратешко партнерство, министерот Попоски истакна дека очекува принципиелна поддршка од САД за што побрза интеграција на нашата земја во НАТО.

САД веќе подолго време инвестира значајни капацитети во стабилноста и просперитетот на регионот, а зачленувањето на Република Македонија во НАТО, како што подвлече, ќе претставува заокружување на овој успешен процес и ќе биде силен сигнал за останатите аспиранти за валидноста на полтиката на Алијансата за отворени врати.