Министерот Ристовски најави реорганизација на работното време во градинките

Реорганизација на работното време соодветно на потребите на родителите и капацитетите на детските градинки, најави денеска министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

По денешната средба во Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), министерот Ристовски изјави дека во консултација со синдикатот ќе се направи соодветна адаптација на работното време и ќе се изврши корекција на програмите по кои работат детските градинки.

- Ќе има реорганизација соодветна на потребите на родителите од една страна и на капацитетите на детските градинки од друга. Голем дел од начинот на организација на работата на детските градинки не е променет повеќе од 30 години, а во изминатите години родителите одат и остануваат подоцна на работа, децата имаат поинакви потреби така што тоа е систем што ќе треба етапно да се реформира, но тоа ќе го направиме со поддршка на синдикатот, истакна Ристовски.

Тој ја негираше информацијата дека е донесена одлука за задолжително предучилишно образование со кое би биле опфатени децата од пет години, односно оние што одат во т.н. голема група во градинките.

- Тоа е само пилот анализа врз основа на чии податоци ќе се размисли дали ќе има пилотирање во неколку општини со имплеметација на ваква крупна реформа. Доколку одлучиме да пилотираме во таква форма, тогаш ќе бидат прашани и родителите и ќе се направат соодветни анализи, нагласи Ристовски.

Во однос на транасформацијата на работниот однос на вработените во градинките, министерот Ристовски истакна дека секаде каде што се исполнети условите нема проблем и во тие случаи транформацијата брзо се одвива.

- Процесот нема да заврши додека не се транформира работниот однос на сите оние на кои законски тоа им следува, потенцира Ристовски.

На редовната седница на СОНК на која присуствуваше и министерот за образование и наука Панче Кралев беа разгледани и прашањата поврзани со наставните планови, начинот на кој се оценуваат наставниците, како и прашањата за зголемувањето на материјалните средства во однос на потребите на учениците за учество во разни активности.

- Работната група формирана од претставници на СОНК и Бирото за развој на образованието го разгледува прашањето поврзано со наставните планови и нивна цел е до нашата следна средба што треба да се одржи за околу еден месец да видат дали од аспект на барањата и прашањата кои беа покренати може да се најде некое решение и како тоа би можело како методологија да биде имплементирано во следниот период, рече Кралев.