Бектеши на Преспа форум дијалог: Потребата од зелена транзиција на целиот регион ќе значи раст на економиите и подобар квалитет на животот на граѓаните

Зелената агенда за Западен Балкан произлезе од потребата да се одговори на предизвиците за заштита на животната средина со кои се соочува регионот и да се усогласат нашите политики со приоритетите на Европската унија дефинирани преку Европскиот зелен договор.

Во оваа насока Северна Македонија веќе направи законски измени и засилено работи на зелена енергетска трансформација преку реализација на инвестиции во зголемување на домашните капацитети за производство на енергија од обновливи извори, кажа министерот за економија Крешник Бектеши во своето обраќање на панел сесијата насловена “Зелена агенда за Западен Балкан: рамка за имплементација за одржлив и климатски неутрален регион“ на Преспа форум дијалогот кој денеска се одржува во Охрид.

„Како држава работиме засилено на замена на старите енергетски капацитети со обновливи извори на енергија како што се фотоволтаични централи. Работиме засилено на изградба на инфраструктора за гасно поврзување и со регионот, но и за обезбедување на гас за сите дoмаќинства. Економиите во регионот се обврзаа да ги усогласат своите среднорочни планови за намалување на емисиите со амбициите на ЕУ за намалување на емисиите на CO2. Земјите од регионот мора да ги решат предизвиците што произлегуваат од постепеното исклучување на јагленот, како што се невработеноста, економските нарушувања и миграцијата на работната сила, се вели во декларацијата од самитот. Декарбонизацијата ќе се постигне „преку употреба на обновливи или помалку јаглерод-интензивни горива“ кажа Бектеши.

Министерот потенцираше дека за целиот регион потребата од зелена трансформација не е само економско прашање, и колку побрзо го разбереме ова и почнеме да работиме за да го дадеме нашиот придонес, толку полесна и побрза ќе биде промената, а квалитетот на животот ќе биде значително подобар.

„Подобрувањето на енергетскиот интензитет е главна можност за раст за целиот регион што може да ги поттикне инвестициските циклуси во обновливи извори на енергија, одржлива мобилност, модернизација на индустријата, реновирање на згради во масовен обем и подобрување на квалитетот и одржливоста на земјоделството и храната.

Забрзаната транзиција на клучните сектори кои најмногу придонесуваат за емисиите на стакленички гасови е вистинскиот пат напред, додека внимателно се препознаваат новите можности за владата, компаниите и граѓаните кои ги донесе зелената транзиција. Исто така, неопходно е мудро да се управуваат ризиците од транзицијата и да се осигура дека е одржлив, праведен и адекватно финансиски поддржан. Потребно е секогаш да се има предвид дека оние кои не се прилагодуваат ќе заостанат многу“ кажа министерот.

„Треба да бидеме свесни, секој од нас, дека сите сме дел од зелената трансформација и дека секој од нас има своја улога. Колку побрзо го сфатиме ова и почнеме да работиме за да го дадеме нашиот придонес, толку полесна и побрза ќе биде промената, а квалитетот на животот ќе биде значително подобар“ кажа Бектеши.