Груевски и Сарачини го посетија „комплексот Македонско село“ во изградба

Премиерот Никола Груевски и министерот за економија Ваљон Сарачини денеска го посетија комплексот „Македонско Село“ кој е во изградба, а претставува уникатно етнолошко, културолошко и туристичко претставување на Македонија преку 12 автентични куќи и дополнителни објекти од разни македонски краишта.

- Комплексот чија изградба одлично напредува, треба да биде делумно завршен до крајот на годинава, а целосно во почетокот на наредната година. „Македонско село“ ќе биде туристичка атракција не само за домашните, туку и за странските посетители, истакна премиерот Груевски.

Министерот Сарачини појасни дека комплексот ќе има 17 објекти, од кои 12 куќи што ќе ја рефлектираат културата на сите региони во Македонија.

Предвидена е изградба на куќи со стилски карактеристики од беровско-малешевскиот крај, делчевскиот, кратовскиот, полошкиот, прилепскиот, галичкиот и скопскиот. Дел од комплексот ќе бидат и музејот во кој ќе биде изложено дел од етнолошкото наследство на Македонија, амфитеатар, традиционален ан, воденица, валалница, трло, штала и рибник, сите во стар традиционален стил.

- Реализацијата на проектот ќе чини околу три милиони евра милиони евра, а за ентериерот се предвидени дополнителни еден милион. Сметаме дека тоа не е голема сума за ваква понуда, имајќи предвид дека со објектите во иднина ќе може да стопанисуваат приватни лица и на таков начин да се врати инвестицијата, рече министерот за економија.

Според него, се уште нема финално решение за тоа кој и под какви услови ќе може да стопанисува со објектите.

- Има идеја да се стопанисува и со меаната, работилниците, објектите, дури и да се направат на горните катови апартмани во кои туристите ќе можат да престојуваат, но се уште нема одлука под кои услови тоа ќе може да се прави, истакна Сарачини. 

Основната идеја на проектот, чија реализација почна во јуни минатата година, е да се претстави традиционалното македонско село, начинот на живот, нашата култура, традиционалната архитектура, историјата на занаети, спецификите на објектите карактеристични за сите етнички заедници во Македонија.