Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски и премиерката на Република Финска Сана Марин, којашто е во еднодневна работна посета на нашата земја, одржаа заедничка прес-конференција на која ги презентираа споделените ставови за најважните прашања од интерес за двете земји и за унапредување на соработката.
Во продолжение на ова соопштение, ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Ковачевски на прес-конференцијата во целост:
„Задоволство е што можам да им посакам добредојде на премиерката Марин и на финската делегација, за првпат во Северна Македонија.
Уверен сум дека оваа посета е првата од многубројните на ниво на влади со заедничка евро-атланска иднина.
Северна Македонија ја поддржува политиката на отворени врати на НАТО. Како премиер, уште за време на мојата посета на НАТО отворено ја поддржав иницијативата на Шведска и Финска за членство во НАТО.
Се надевам на што поскоро членство и за двете земји, иако истовремено треба да се земат предвид сите загрижености на сите НАТО членки. Се надевам дека во најскоро време ќе се надмине застојот за апликација, за што од наша страна ќе дадеме целосна поддршка.
Нашата Влада уште во мај даде согласност за прием на Република Финска и Кралството Шведска за членство во НАТО.
Деновиве Владата донесе одлука и за овластување на нашиот амбасадор во НАТО за потпишување на пристапните протоколи за Шведска и Финска за членство во НАТО, кога ќе дојде време за тоа.
Сметаме дека зачленувањето на Шведска и Финска во НАТО е придонес за зајакнување на безбедноста и стабилноста во Европа особено во контекст на неоправданата руска воена инвазија на Украина што доведе до промени на европската безбедносна политика.
Изразуваме длабоко почитување и охрабрување за оваа одлука на Република Финска, врз база на темелен демократски процес на делиберација, како нејзиното самостојно суверено право да ги уредува сопствените безбедносни аранжмани.
Членството на Финска во НАТО значително ќе ја зголеми безбедноста во Евро-Атлантскиот Регион, особено во регионот на Високиот Север и Балтичкиот регион.
Финската армија е интер-операбилна со НАТО стандардите и со години наназад одржуваа редовни и чести воени вежби со НАТО, и учествуваат и придонесуваат во сите мисии и операции на НАТО.
Финска е силен поддржувач на проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан. Ние никогаш нема да го заборавиме инсистирањето и нивниот цврст став да ги започнеме преговорите за членство во ЕУ во 2019 година за време на нејзиното претседавање со Европскиот совет.
Тоа беше силен пријателски гест од страна на Финска.
Северна Македонија и денес е целосно подготвена за почеток на преговорите.
Нашето законодавство е 45% хармонизирано со законодавството на ЕУ. Европската Унија е нашиот најзначаен трговски партнер. Нашите извештаи покажуваат дека земјата прогресира на тој пат.
Ние покажавме дека сме партнер од доверба и дека сме посветени на дијалог за изнаоѓање на вистинско решение кое ќе обезбеди деблокирање на процесот на преговори и евроинтеграции.
Ние, како Влада, имаме обврска да изнајдеме брзо, но не и избрзано решение, кое е базирано на европски вредности. За нашиот идентитет и јазик не преговараме и тоа е повеќе од јасно, а решението кое ќе произлезе од отворениот дијалог ќе треба да го има предвид достоинството на граѓаните на двете земји и да ги рефлектира Европските вредности.
Војната во Украина на еден најтрагичен начин покажа дека проширувањето на ЕУ со Северна Македонија не е само прашање на проширување, туку геостратешко и безбедносно прашање. И за нас, но и за цел регион.
Го споменувам и регионот бидејќи блокадата со која се среќаваме ние денес, одекнува негативно во целиот регион и влијае на кредибилитетот и интегритетот на ЕУ. И обратно, позитивните импулси кои ќе ги донесе почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ ќе одекнат широко и ќе донесат поголема стабилност на целиот Балкан.
Дополнително, отсуството на испорака, и силна решителна одлука за почеток на пристапните преговори, ќе овозможи простор за влијанија од трети анти-демократски сили што во дадениот момент и контекст е особено штетно од геостратешки аспект.
Тоа ѝ е многу добро познато на Финска и затоа имаме заеднички став дека преговорите со Северна Македонија треба да започнат веднаш.
Северна Македонија и Финска со оваа денешна посета продолжуваат да го зацврстуваат пријателството кое постои меѓу двете земји.
Деловната заедница на Финска која неодамна покажа нагласен интерес за унапредување на соработката отвора големи потенцијали. Значајни се и можностите за пренесување на искуствата на Финска во образованието и дигитализацијата.
За крај сакам да го повторам заедничкиот заклучок од денешнава посета, Северна Македонија и Финска имаат заедничка евро-атланска иднина за која меѓусебно силно ќе продолжиме да се заложуваме.“