Во ССМ конференција за заштита од мобинг по повод Први мај

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска организира конференција по повод Меѓународниот ден на трудот-Први мај, во најголемиот дел посветена на мобингот и последиците од него.

На конференцијата се очекува ССМ да покрене иницијатива и да стартува кампања под мотото „Да го заштитиме човечкото достоинство со донесување закон за заштита од мобинг“.

Претседателот на ССМ Живко Митревски истакна дека интересите годинава се насочени кон заштитата на човековото достоинство со донесување закон за заштита од мобинг. 

- Со цел конкретни и практични резултати, почнуваме со нова кампања, изминатиот период беа донесени клучни закони како што е Законот за минимална плата, а исклучително се разви и социјалниот дијалог. Бележиме и ратификација на повеќе меѓународни конвенции, од кои неколку клучни, почнувајќи од конвенциите за јавни набавки и за заштита на мајчинството, рече Митревски.

Набројуваjќи повеќе проекти кои Сојузот успешно ги завршил, Митревски нагласи дека во рамки на социјалниот дијалог ставена е во функција работничката партиципација-тема која долго време на некој начин била избегнувана.

- Се надевам дека оваа активност и понатаму ќе продолжи со цел здружени, единствени и сигурни да обезбедиме достоинство на трудот во земјата, додаде Митревски, потенцирајќи дека направени се и крупни чекори за справување со економската криза, недозволуваjќи масовно отпуштање работници и намалување на платите.

Тој истакна дека долго време било размислувано за начинот на кој ќе се одбележи Први мај и заедно со останатите синдикати било решено празнувањето да биде во работна атмосфера со конкретни работни средби и работилници за обука за евентуалното донесување на законот за мобинг.

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, кој се обрати на конференцијат,а им го честиташе Први мај на сите работници од име на МТСП и на Владата на Република Македонија.

- Конференцијата е најдобар начин да се продискутираат отворените прашања кои треба да ги реализираме во следниот период за подобрување на статусот и правото на работниците во земјата. Дојдов да поразговараме како што впрочем се случува веќе неколку години наназад и како резултат на тие наши разговори сметам дека синдикатите со поддршка на работодавачите и учество на Владата постигнаа резултати со кои значително е подобрен статусот на работниците, рече Ристовски.

Министерот нагласи дека работата е далеку од завршена и оти има уште многу да се работи во насока на подбрување на статусот на работниците.

- Финалниот став на Владата е да обезбеди достоинствен живот на работниците во Македонија и од тоа нема да отстапиме. Во неколку наврати покажавме и докажавме дека навистина сакаме да се подобри нивниот статус, а тоа немаше да го постигнеме доколку немаше реално остварлив социјален дијалог со нашите социјални партнери, истакна Ристовски.

Денешната конференција, како што рече, ќе продуцира нова идеја која дополнително ќе биде разгледана. Во 2009 година е почнат првиот чекор, односно во Законот за работни односи биле имплементирани делови кои ќе го регулираат мобингот, а на конференцијата ќе се разгледа и потребата дали треба да биде донесен посебен закон за заштита од мобинг.

Ристовски потенцираше дека ниту еден работодавач нема право да ги крши работничките права и во тој дел Законот е јасен и дециден и оти утре се очекуваат празнични вонредни инспекциски надзори.

- На оној кој што планира да работи за празник јасно ќе се види дали му е исплатено. Во однос на она како треба да се одбележи денот, сакам да истакнам дека штрајкот е неуспех на сите структури кои што преговараат. Се додека во Македонија има реален социјален дијалог и Владата има слух за прашањата кои ги иницира синдикатот, ние ќе седнуваме и преговараме. Тоа што во земјата за Први мај нема традиционални штрајкови без причина е најдобар приказ дека се остварува реален социјален дијалог кој дава резултати, нагласи Ристовски, одговарајќи на новинарско прашање.